Во согласност со Законот за Владата, во новоизбраната преодна влада партиципираат министри од владејачкото мнозинство и од најголемата опозициска партија
Во новоизбраната преодна влада, во согласност со Законот за Владата, партиципираат министри од владејачкото мнозинство и од најголемата опозициска партија, а оваа влада има мандат сѐ до изборот на нова влада.
Во преодната влада, Бојан Маричиќ е прв заменик-премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врши функцијата министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски од истата партија ќе го води ресорот за труд и социјална политика.
Митко Бојмацалиев од СДСМ е дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска станува заменик-министерка во труд и социјална политика.
Дополнителна заменик–министерка за финансии од ВМРО-ДПМНЕ е Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Министрите по гласањето дадоа свечена заклетва, а на оние министри што не се дел од составот на оваа влада им престана мандатот.
Преодната влада ќе функционира до изборот на новата влада.
Ова е трета преодна или техничка влада по 2016 година. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.
На 8 мај, покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.