Официјален Киев, очекувано, го одби предлогот на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој кажа дека Украина треба да ѝ предаде дел од својата територија на Русија за да се стави крај на војната.
– Мора да има некаков компромис. Зошто очекуваат Русите да го напуштат Крим, Донбас и Луганск? Не е реално – изјави Фицо.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, одговори дека не може да има компромис за територијалниот интегритет.
– Ниту Украина, ниту Словачка, ниту која било друга земјаУкраина и нејзините партнери прават напори да ги отстранат Русите од Крим, Донбас и Луганск, за да не одат понатаму, особено во Кошице и Прјашов (два града во источна Словачка – н.з.) и другите словачки региони – возврати Николенко, а пренесе бриселскиот портал „Политико“.
Напнатата размена на пораки доаѓа на ден пред средбата на словачкиот премиер со неговиот украински колега Денис Шмихал.
Изјавувајќи дека Украина е под „тотално влијание“ на Вашингтон и дека таа е „една од најкорумпираните нации во светот“, Фицо додаде дека истото ќе му го каже и на Шмихал и дека Словачка има намера да стави вето на кандидатурата на Украина за членство во НАТО и да побара запирање на испораките на оружје за Киев.
Претходно, на минатонеделната прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фицо кажа дека во руската војна против Украина „нема воено решение“.