АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Шифрин е на пет победи до трицифрен број триумфи
Микаела Шифрин (САД) оствари нова победа викендов, во слаломот вчера во Јасна (Словачка), и го зголеми рекордот во бројот на триумфи во Светскиот куп во алпско скијање, на 95. Тоа беше нејзина седма победа сезонава. На оваа ранг-листа на второто место е Ингемар Стенмарк (Шведска) со 86, а потоа се Линдзи Вон (САД) со 82, Марсел Хиршер (Австрија) со 67…
Во слаломот второто место го освои Зринка Љутиќ од Хрватска, а третото Ана Свен Ларсон од Шведска. Во саботниот велеслалом, пак, исто така во Јасна, победи Сара Хектор од Шведска, пред Шифрин и Алис Робинсон од Нов Зеланд.
Шифрин убедливо води во генералниот пласман во Светскиот куп со 1.209 бода, пред второпласираната Петра Влхова од Словачка, со 802, која ја заврши сезоната по повредата на коленото во саботата. Шифрин е прва и во поредокот за слалом.
Таа лани ги освои титулите (кристални глобуси) и во вкупниот пласман и во слалом. Следните трки се од петок до недела во Кортина д`Ампецо (Италија), и тоа два спуста и еден супервелеслалом. Н.М.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Саразен двапати најбрз во спустовите во Кицбил
Францускиот скијач Сиприен Саразен забележа две врзани победи во спуст во Светскиот куп, возени на славната патека во Кицбил (Австрија). Тоа е негова четврта победа сезонава во Светскиот куп, трета во спуст (една има во супервелеслалом).
По двете победи на домашен терен во Венген, Швајцарецот Марко Одермат во првиот спуст во Кицбил беше трет (втор беше Флориан Шнајдер од Италија), а во второто го освои второто место (третото место го освои Доминик Парис од Италија). Вчера на програмата беше трката во слалом во истиот скијачки центар.
Актуелниот шампион во Светскиот куп, Одермат, води во генералниот пласман со 1.156 бода, а втор е Саразен со 660. Одермат води и во пласманите за спуст (шест бода повеќе од Саразен), супервелеслалом и во велеслалом.
Сезоната во Светскиот куп продолжува утре и задутре, со трките во велеслалом и во слалом, што треба да се возат во австрискиот скијачки центар Шладминг. Н.М.