Фото: ЕПА

Јас не сум гениј. Само се обидувам да ги најдам најдоброто решение и идеи и понекогаш тоа функционира, а понекогаш се менува, но многу брзо имате многу добро чувство за овој тим и потоа ќе видите дали тоа функционира и се движите во вистинската насока. Луѓето мислат дека тоа значи дека можете да бидете шампиони. Не станува збор за тоа во моментов, но имаме тим против кој никој не сака да игра. Уште треба да направиме големи чекори, но сето тоа оди во вистинската насока, рече менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, во интервју за „Скај спорт“, во кое зборува и за важноста на зимскиот распуст, мечевите на четири фронта и за претпазливоста на трансфер-пазарот

ФУДБАЛ

Беше добро, но интересно на враќање, оти половина од тимот беше во истиот авион. Немав контакт со нив четири дена, освен што го видов Пеп Лајндерс. Не сакате да имате четиринеделна пауза или нешто слично на средината на сезоната, но по многу интензивен период, овие неколку дена беа многу важни. Сега се вративме и подготвени сме повторно, вели тренерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп, во ексклузивно интервју за „Скај спорт“, во кое зборува за зимскиот распуст, мечевите на четири фронта и за претпазливоста на трансфер-пазарот.
Паузата беше многу потребна за Клоп и за неговите фудбалери, бидејќи тие продолжуваат да играат на четири фронта сезонава. Ливерпул по 20 кола е на врвот на Премиер-лигата, потоа е во полуфиналето на Лига-купот, во четвртото коло од ФА-купот и во осминафиналето на Лига Европа. Распоредот и списокот со повреди во декември беа „брутални“, вели Клоп, чиј тим одигра вкупно осум натпревари. Пред паузата го добија првиот меч од полуфиналето на Лига-купот, со Фулам на 10 јануари (синоќа гостуваа кај Борнмаут во Премиер-лигата).
– По натпреварот со Фулам бев во соблекувалната и им реков на играчите: „Денеска е 10 јануари и утре имате слободен ден“. Имаше големи овации. Потоа уште повеќе кога реков дека се слободни и на 12 и на 13 јануари. Тоа е најголемиот бонус за кој можеме да играме – вели Клоп.

РЕМОНТ НА СОСТАВОТ

Додека некои од фудбалерите на Ливерпул се упатија на сончање, други беа расфрлани низ светот, во Милано, Барселона, Њујорк. Единствениот пораз на Ливерпул во Премиер-лигата беше од Тотенхем во септември и додека се подготвуваа да патуваат на јужниот брег за да играат со Борнмаут вчера, Клоп уживаше во она што го виде досега.
– Видете, кога велите врв на табелата, купови, нокаут-мечеви, тоа не значи ништо во моментов, но квалитетот на тренинзите е висок и самодовербата е тука. По минатата година, заборавате дека истите играчи со самодоверба сега изгледаат сосема различно. Тоа е добро – вели тој.
Се чини долго време од последното гостување на Ливерпул на Борнмаут во март и поразот со 1-0 против тимот со најлош одбранбен рекорд во Премиер-лигата во тој момент и токму кога Ливерпул изгледаше способно да направи предизвик за пласман на првите четири места, откако го совлада Манчестер јунајтед со 7-0 во неговиот претходен натпревар, пишува „Скај спорт“. Иако не беше најлошиот пораз лани, тој сигурно придонесе за големиот ремонт што Клоп и клубот знаеја дека мора да се случи налето.
– Понекогаш ви требаат овие падови за да ги цените дострелите. Единствената реакција на тоа да се биде толку ниско е да се обидеме да најдеме излез, тоа е моја работа и тоа е притисокот што го имавме. Моравме да го поправиме тоа, бидејќи тоа не е ситуација во која би можеле да останеме. Фудбалерите што ги ангажирате навистина ги запознавате само кога се тука и тогаш мислите: „О, тие не се само добри фудбалери туку и одлични момци, кои, исто така, добро се вклопуваат – вели Клоп.

КЛОП: ИМАМЕ ТИМ ПРОТИВ КОЈ НИКОЈ НЕ САКА ДА ИГРА

На Клоп му требаа пет години да го изгради својот тим во Ливерпул и да ја освои Премиер-лигата и сега е во процес на обид да го направи тоа одново.
– Јас не сум гениј. Не можам да ги видам работите четири месеци отсега, само се обидувам да ги најдам најдоброто решение и идеи и понекогаш тоа функционира, а понекогаш се менува, но многу брзо имате многу добро чувство за овој тим и потоа ќе видите дали тоа функционира и се движите во вистинската насока. Луѓето мислат дека тоа значи дека можете да бидете шампиони. Не станува збор за тоа во моментов, но имаме тим против кој никој не сака да игра. Треба да направиме уште големи чекори, но сето тоа оди во вистинската насока – рече тој.
Во неделата, кога правилата за профит и за одржливост на Премиер-лигата се најдоа на насловните страници, темпото на ремонт на Ливерпул е привлечно. Летните засилувања на Алексис Мекалистер, Доминик Собослаи, Ватару Ендо и Рајан Гравенберх го подмладија клубот и, како што вели Клоп, беа комплетирани на „ливерпулски начин“. Бизнис-моделот на „Енфилд“ значи дека тие не треба да се грижат за прекршување на тие правила и тој влева претпазливост кај Клоп кога работи на трансфер-пазарот.
– Трансферите во Ливерпул се различни. Мораме да размислиме еднаш, двапати, трипати, а потоа четврти пат. Мораме да бидеме многу сигурни дека ќе успее. Некои луѓе би можеле да кажат Дарвин Нуњез, но тој е исклучителен играч и јас сум многу среќен што го имаме и никој друг го нема. Беше тешка првата година, но тој веќе постигна пристоен број голови, можеби тоа не е доволно поради сите негови шанси, но јас сум апсолутно среќен. На играчите им треба време. Енди Робертсон помина време на клупата кога се приклучи. Фабињо исто така. На едни им треба време да се средат, други го прават тоа веднаш. Мохамед Салах постигна гол во својот прв меч, а истото тоа го направи и Вирџил ван Дајк, иако тоа не беше негова работа. Голем предизвик е да се постигне тоа како што треба. Со сета оваа жестока дискусија околу трансферите и крајниот рок, мораме да останеме смирени и да ја направиме вистинската работа, а понекогаш тоа е незгодно поради притисокот однадвор – вели Клоп.
Повредите за кои Клоп се обидува да не зборува или да се задржува на нив значат дека работи со тесен тим, влегувајќи во уште едни многу значајни две недели. Сѐ почна вчера со Борнмаут, пред реваншот од полуфиналето на Лига-купот со Фулам, потоа следува меч од ФА-купот со Норич пред натпреварите со Челси и уште едната средба со Арсенал, во првиот викенд од февруари. Тоа е распоред на натпревари што ќе ги натера повеќето да заборават дека некогаш ја имале таа пауза. Но не за Клоп и неговите играчи. Н.М.