„Џез нова“ – прв концерт на новата национална установа
Во просториите на Националната опера и балет на 23 јануари, со почеток од 20 часот, својот прв концерт ќе го одржи Националниот џез-оркестар.
Со овој концерт, кој ќе претставува еден вид симбиоза на бигбенд-творештвото на истакнати македонски џез-автори од повеќе генерации, свечено ќе биде одбележан почетокот на концертната сезона на оркестарот. За месеците што следуваат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.
Лани во март со одлука на Владата беше основана националната установа Национален џез-оркестар, по успешно функционирање од седум години на овој оркестар, со што конечно и Македонија, како и земјите во регионот, доби џез-оркестар. Оркестарот изминативе години одржа голем број концерти и со домашни и странски музичари, а концертите беа полни и со денови претходно распродадени.
Основна дејност е музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување висококвалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови што гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на 21 век.
– Оваа установа ќе ги зачува талентираните џез-музичари што ги има и ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негување на џез-културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез-музика во земјата и надвор од неа. Во тој контекст, установата ќе работи на подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани што ќе помогнат во негување на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации што ја негуваат истата дејност. Водејќи се од принципите за промовирање на културната различност, рамноправност на културните жанрови, дисперзија и развој на нова публика, се јавува потребата од основање нова институција од ваков тип – се наведува во образложението на Министерството за култура, објавено по формирањето на оркестарот.
В.Д.