Тимовите се подготвуваат да ги претстават своите нови болиди, а според досегашните најави, први треба да го направат тоа Вилијамс и Заубер, на 5 февруари, во Њујорк, односно во Лондон
Првпат во историјата на Формула 1 (Ф1) составот на тимовите за претстојната сезона е сосема ист како и во претходната година, со ниту една промена на возачите, објави Формула 1 на својата интернет-страница. Повторувањето на тоа во 2025 година е помалку веројатно откако многу договори ќе истечат, пишува Ф1.
Светскиот шампион Макс Ферстапен останува во Ред бул барем до крајот на 2028 година, во Мерцедес, пак, Луис Хамилтон и Џорџ Расел се до крајот на 2025 година, Мекларен исто така ги има Ландо Норис до крајот на 2025 година и Оскар Пјастри до крајот од 2026 година, а ако Ленс Строл остане во Астон Мартин, тоа остава 14 договори на возачи што завршат на 31 декември, пишува Формула 1.
Тимовите во Формула 1 во овој дел од годината се подготвуваат да ги претстават своите нови болиди и да тргнат во новата сезона на натпреварување. Според досегашните најави, Вилијамс и Заубер треба да бидат првите тимови што ќе ги претстават своите нови болиди, на 5 февруари, во Њујорк, односно во Лондон.
Потоа, Алпине ќе објави „почеток на сезоната за мотоспорт“ со своите болиди на 7 февруари, а потоа ќе следуваат Астон Мартин во Силверстоун, на 12 февруари, и Ферари еден ден подоцна. Во меѓувреме, Мерцедес треба да се претстави преку дигитален настан, кој ќе се емитува во живо од Силверстоун на 14 февруари, а четирите други тима во Формула 1, Ред бул, Мекларен, Алфа Таури и Хас, допрва треба да објават кога ќе бидат претставени нивните најнови дизајни, пишува Ф1.
Формула 1 годинава треба да има рекорден број трки, вкупно 24, сезоната почнува со трката во Бахреин, на 2 март, а годинава повторно ќе има шест викенди и со спринтерски трки, и тоа на гранпри-трките во Кина, Мајами, Австрија, САД, Сао Паоло и во Катар, пишува британски „Скај спорт“. Претсезонските тестирања треба да се одржат во Бахреин, од 21 до 23 февруари. Н.М.