Фото: Архива на „Нова Македонија“

Секое истражување чиј предмет е „мерењето на интелигенцијата на нациите“ во принцип е на работ на коректноста. Сакале или не, таквото нешто создава основа за дискриминација, како и неразумна поддршка на стереотипите и предрасудите.
Но, од друга страна, истражувачите сакаат да поентираат со вперување прст на некои социјални категории (популусот и неговиот индивидуален и колективен капацитет) да креираат општествено-политички и економски амбиент за подинамичен развој на својот народ, креативноста и имагинацијата за спроведување политики за поквалитетен живот на граѓаните и одржлив развој на државата

Интелигенцијата како показател на капацитетот на поединецот и колективитетот за креирање квалитетен живот на граѓаните

Сѐ почесто и погласно, како реакција на изјавите и однесувањето на политичарите во Македонија, од граѓаните може да се слушне – „нека не ни ја навредуваат интелигенцијата“. Неодамна објавените резултати од „Ворлд популејшн ривју“, пак, наведуваат дека во Македонија коефициентот на интелигенција е оценет на 81,91, а со тој резултат се наоѓа на 107-то место од вкупно 197 држави во светот. Односно, според ова истражување, населението во Македонија и во Албанија (81,75) има најнизок просечен коефициент на интелигенција во Европа. Вкупниот резултат за секоја земја е пресметан од збирот на стандардизирани тестови за процена на човечката интелигенција, а при изработката на резултатите од истражувањето се вклучени и поттестови за процена на знаењето по математика и природни науки, како и читањето, а меѓу податоците што се користат се и оние од меѓународното тестирање ПИСА.
Во светски рамки, пак, најинтелигентни се Јапонците со коефициент на интелигенција од 106,48, а последното место им припадна на Непалците со 42,99. Во регионот највисок степен на интелигенција има во Словенија (98,6), а потоа следуваат Хрватска (95,75), Бугарија со (90,99), Грција (90,77), Србија (89,6) и Босна и Херцеговина, каде што просечниот коефициент на интелигенција е 88,54. На дното е Албанија со 81,75. Меѓу балканските земји, податоци за просечниот коефициент на интелигенција на населението нема за Косово.

„Измерената“ интелигенција на населението во една држава е повеќе показател на системската организираност на општеството

Мерењето на интелигенцијата на нациите во принцип е на работ на интелектуалната и политичката коректност, зашто создава основа за дискриминација и поддршка на стереотипи и предрасуди, но од друга страна е повеќе показател на општествено-политичките фактори што го креираат секојдневјето на граѓаните во една државата.
– Не постојат повеќе или помалку интелигентни народи. Интелигенцијата е најмногу одраз на социјалната средина, односно на општествено-политичките фактори што го креираат секојдневјето на граѓаните во една држава. „Измерената“ интелигенција на населението во една држава е повеќе показател на системската организираност на општеството, која им овозможува или не на граѓаните креативно да размислуваат и да се однесуваат – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.
Кога станува збор за поврзаноста на системската организираност на општеството и нивото на просечната интелигенција на населението, „пресекот“ се лоцира во системот на образованието во државата. Многу состојби во образованието што се манифестираа како еклатантна неодговорност на одговорните за овој сегмент на општеството укажуваат дека тој е во голема мера девалвиран. Учениците во основното, па и средното образование учат без учебници по некои предмети веќе неколку години, додека пак во многу учебници се поткраднуваат и кардинални грешки во содржините… Токму учениците од Македонија се најдоа во групата држави што покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното тестирање на ПИСА од 2022 година, чии резултати беа објавени на почетокот на декември 2023 година.

Драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година

Според последните резултати на тестирањето од ПИСА, забележано е драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година, иако мнозинството држави на последното рангирање забележаа полоши резултати, што веројатно се должи на пандемијата на ковид-19.
Тестирањето го мереше знаењето на 15-годишниците од 81 светска држава и провинции, кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Од вкупно 81 држава, провинции и територии што беа вклучени во тестирањето, Македонија се најде на 62-то место по математика, на 72-то место во читање и на 69-то место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просекот на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просекот на ОЕЦД е 489 поени).
– Грешките што се поткраднуваат во учебниците се можеби најмалиот проблем во македонскиот образовен систем. Генералниот проблем е што образовниот систем во Македонија не е форматиран да формира личности што ќе ги развиваат сопствените креативни, но и социјални вредности. Креативноста во користењето на стекнатите знаења, во функција на социјалната интеракција, како и чувството за општествена одговорност, е важна компонента во „мерката“ за интелигенција. Нашето образование е насочено пред сѐ на задоволување на формалните компоненти, акумулирање информации и податоци, односно задоволување на базичните цели – да се научат учениците на читаат и пишуваат и на основните математички вештини. Се чини тоа е доволно, за сите да бидат одлични. Но не се оди понатаму, во развој на креативноста за употреба на стекнатите знаења, За жал, во Македонија, системот на образование се претвори во ограничувачки фактор во развојот на интелигенцијата наместо да биде поттикнувачки. Организираноста на системот е факторот што ги прави резултатите во образованието, а тој во голема мера е запоставен во Македонија, за да профитираат малцински политички структури – вели социологот Илија Ацески.
Тој интелигенцијата ја поврзува и со среќата.
– Може да се забележи дека оние нации што се оценети со резултатите како најинтелигентни речиси се совпаѓаат со резултатите од мерење на среќата. Тоа на одреден начин ја покажува условно последичната поврзаност на овие две категории, интелигенција и среќа со општествено-политичките услови – заклучува професорот Ацески.


Социјалните мрежи предизвик за развојот на интелигенцијата

Професорот Илија Ацески укажува дека образованието и образовните програми мора да го следат научниот, технолошкиот и социјалниот развој на глобален план и да одговорат на предизвиците што ги носи таквиот неизбежен развој. Еден од поголемите предизвици на образованието во денешно време се социјалните мрежи.
– Технолошкиот развој, роботизацијата, вештачката интелигенција се патеката по која се движи иднината на светот. Образовниот систем треба да ги прифати и да одговори на таквите тенденции. Не може со учебници од пред 20-30 години да се образоваат и воспитуваат денешните генерации. Новите генерации се препуштени сами на себе во ова време на брз технолошки развој. Имаат пристап од најрана возраст на социјалните мрежи, но интелектуално и емотивно не можат да се справат со сѐ што им доаѓа оттаму. Примаат безброј информации на дневна база, но прашање е колку таквото восприемање ги развива креативноста и интелигенцијата. Забележливо е дека по експанзијата на социјалните мрежи, младите генерации пораснати во оваа ера потешко се изразуваат и речиси не можат да состават целосна и јасна реченица. Постојано читаат нешто на социјалните мрежи, но не читаат нешто што ќе им ја развие креативноста и ќе им ја изрази мислата – вели професорот Илија Ацески.