Извештајот за економските изгледи во светот од гледна точка на главните економисти беше претставен денеска во Давос и според водечките економисти, глобалната економска перспектива останува потисната и неизвесна. Извештајот се заснова на најновите истражувања, како и анкети на водечки економисти од јавниот и приватниот сектор организирани од Центарот за нова економија и општество на Светскиот економски форум (СЕФ).
Повеќе од половина од водечките економисти (56 отсто) очекуваат слабеење на глобалната економија оваа година, додека останатите предвидуваат дека ситуацијата ќе остане непроменета или дека економијата ќе зајакне.
Директорот на СЕФ, Садија Захиди рече дека новиот извештај ја нагласува неизвесноста на тековното економско опкружување и дека отпорноста на светската економија ќе биде тестирана во годината што следи.
– Иако глобалната инфлација се намалува, растот застој, финансиските услови остануваат тешки, глобалните тензии се продлабочуваат и нееднаквостите растат, ова ја нагласува итната потреба од глобална соработка за да се изгради импулс за одржлив и инклузивен економски раст – рече Захиди.
Истражувањето покажа дека изгледите за економиите на Јужна и Источна Азија и Пацификот остануваат позитивни и огромното мнозинство економисти во регионот очекуваат барем умерен раст во 2024 година. Исклучок е Кина, каде што процентот на оние кои очекуваат умерен раст е нешто помал, поради слабата потрошувачка, помалото индустриско производство и стравувањата за пазарот на недвижности.
Економските перспективи на Европа значително ослабеа од септември и сега 77 отсто од економистите очекуваат слаб или многу слаб раст, или речиси двојно повеќе од есента.
Економистите се исто така помалку оптимисти за изгледите за САД, Блискиот Исток и Северна Африка, каде шест од десет испитаници очекуваат умерен или повисок раст во споредба со осум од десет во септември.
Подобри очекувања се за економиите на Јужна Америка и Карибите, подсахарска Африка и Централна Азија, иако главно за умерен економски раст, покажа извештајот на СЕФ.
Во исто време, седум од десет водечки економисти очекуваат темпото на геоекономска фрагментација да се забрза во 2024 година. Повеќето велат дека геополитиката ќе поттикне нестабилност во глобалната економија и берзите, ќе ја зголеми локализацијата, ќе ги зајакне гео-економските блокови и ќе го зголеми јазот меѓу северот и југот во следните три години.
Кога станува збор за вештачката интелигенција, водечките економисти веруваат дека тоа значително ќе им користи на економиите со високи приходи.