Во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на телевизија „Сител“, зборувајќи за последните случувања во М-НАВ, претседателот Стево Пендаровски потенцираше дека незадоволството на контролорите на летање трае подолго време и потсети дека нивниот синдикат реагираше и пред година – две, кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.
– Се работи за дел од критичната инфраструктура. На неа се гледа со посебно внимание. Постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал. Во просториите на тој дел од критичната инфраструктура, да се пресметуваат физички луѓето како да е кафеана. Мислам дека од тука треба да тргнеме и извршните органи, пред сѐ Владата да влезе во процес на расчистување. Едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика. Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт – потенцираше претседателот.
Во оваа насока, како што истакна Пендаровски, кога се случи инцидентот, покрај од амбасадите добил реакции и од високи претставници на НАТО, чии прашања биле во насока на тоа дали е безбедно македонското небо и за авионите на НАТО.