Потребно е да се зголеми квалитетот на формалното образование, а неформалното да биде негово дополнување за да овозможи побрзо приспособување кон барањата и потребите на пазарот на трудот, велат стопанствениците, кои сѐ потешко доаѓаат до квалитетен кадар
Пекари, градежници од сите видови, машински стручни кадри и ИТ-професионалци се најдефицитарни за бизнисот во Македонија. Дневно се бараат и по десет лица од овие струки, но компаниите тешко доаѓаат до квалитетен кадар, бидејќи средното стручно образование, освен што не образова доволен број од овие струки, не нуди ни квалитетен кадар. Од Стопанската комора на Македонија велат дека очекуваат подобрување на формалното образование и соодветен развој на неформалното образование, кое ќе помогне да се премости јазот меѓу барањата на бизнисот и она што како квалитет и кадар го нуди актуелниот образовен систем.
Според Борис Тримчев од СКМ, во услови на глобален пазар и интензивна конкуренција притисокот врз компаниите да ги подобрат своите процеси е сѐ поголем.
– Подобрувањето на процесите во современото работење во голема мера зависи од квалитетот на човечкиот капитал со кој располага компанијата, кој, пак, зависи од квалитетот на образованието – нагласува Тримчев.
Како што вели тој, во Македонија завршувањето факултет сѐ уште е поатрактивно од средните стручни школи, иако компаниите нудат солидни плати за лица со завршена средна стручна спрема.
– И додека кај нас се прават напори за воведување дуално образование, во европски рамки веќе се промовира т.н. трипартитен систем на школство во кој, освен училиштата и компаниите, се вклучени и дигиталните вештини – додава Тримчев.
Преку два проекта за неформално образование во изминатиот период се формализирани знаењата и вештините на околу 1.000 повозрасни работници.
– Со нов проект, кој ќе се реализира десет години, ќе се обидеме да оспособиме работници што им се потребни на преработувачката и на прехранбената индустрија, угостителството и туризмот, како и на ИТ секторот – истакна Тримчев.
Но, како што вели, потребно е да се зголеми квалитетот на формалното образование, а неформалното да биде негово дополнување за да овозможи побрзо приспособување кон барањата и потребите на пазарот на трудот.
Тој објаснува дека државниот систем на образование е мошне ригидна структура, која не може да се менува во согласност со пазарната динамика и не може за кратко време да одговори на потребите на пазарот.
– Очекуваме неговиот квалитет да се подобри и за кратко време да се добие потребниот кадар преку доквалификација и преквалификација – истакна Тримчев.
Според него, атрактивноста на средните стручни училишта ќе се зголеми, ако фирмите обезбедат добри плати и современи услови за работа што веќе и станува практика.
– Стопанската комора на Македонија е директно надлежна за спроведување на практичниот дел од образовните програми што се реализираат во компаниите и во таа насока работиме на подобрување на квалитетот на реализацијата на програмите, вклучувајќи аспекти од работната средина, интеграција на работното место за учениците и, секако, на квалитетот на менторите во компаниите – посочува Тримчев.
Она на што комората става акцент е флексибилноста на изведување на практичната настава. Оттаму велат дека флексибилноста ја толкуваат од аспект на можноста самите компании да направат план и програма за реализација на практичната настава заради создавање пореална претстава за работните задачи.
– Битен аспект е секако и осигурувањето квалитет при реализација на практичната настава, а комората е директно вклучена во тој процес. Во овој дел би ја истакнал секојдневната соработка со Министерството за образование и наука и со односните државни органи од областа на образованието – вели Тримчев.