Хуманоста нема граници
Во центарот на градот, пред Нова година, вриеж од деца. Меѓу нив шета и Дедо Мраз. Се слика со нив и ќе ги погали по косата. А и Ангел е меѓу децата. Одеднаш се оттргна од мајка си и му притрча на белобрадиот старец.
– Еј, Дедо Мраз! – му подвикна и му подаде рака. – Те молам, да појдеш и кај децата од болницата.
– О, бездруго! – се изненади „среќниот дедо“, прифаќајќи ја срдечно раката на детето. – Ќе те послушам. А ти, јунаку, како се досети и на тие деца!?
– Минатата зима, за Нова година, бев в болница – рече Ангел. – Одвај чекавме да дојдеш и кај нс. А ти зар си заборавил?
– Ах, не, не! – го крена детето в раце. – Многу добро се сеќавам…
– Со радост ќе те чекаат! – продолжи Ангел. – Многу ќе бидат весели!
– Знам. Ќе појдам… – му вети. – Уште денеска! Биди сигурен…
Ангел му се загледа во лицето. Очите на Дедо Мраз му се наполнија со солзи.
„Чудно!?“, се изненади тој. „Зар може и Дедо Мраз да заплаче?!“
Тој ја сфати љубопитноста на детето и уште посилно го прегрна.
– Ах, добро момче… – му се обрати. – Признавам, ме растажи. Многу…
– А зошто? – се сневесели и Ангел. – Зошто, Дедо Мраз?
– И мојот внук Павле е в болница… Затоа. Колку тебе е… – му откри без да се колеба. – Секој ден ме чека. И многу се радува кога ќе ме здогледа на вратата.
– А ти не си Дедо Мраз!? – се зачуди детето. – Вистинскиот Дедо Мраз?!
– Сум, како да не!? – почна да се извлекува. – Овој пат баш сум Дедо Мраз!
Потоа си ја подизвади маската од лицето и, со насолзеното око, доверливо му поднамигна на Ангел. Уште и му подаде ќесе бонбони од џебот.
– Еве! Затоа што си добар! – уште поцврсто го прегрна. – Најдобро дете!
– Некој необичен Дедо Мраз!? – се чудеше Ангел и побрза кон мајка си, викајќи гласно: – Мамо, мамо! Дедо Мраз плаче!?
Горјан Петревски