Романот „Агни“ е ново дело во издание на издавачката куќа „Чудна шума“. Станува збор за дело на словенечкиот автор Борут Крашевец, во превод на Дарко Спасов, кое е добитник на престижната награда „Кресник“ за 2021 година.
Овој роман е љубовна драма со три раскажувачки линии: животинска (куникула), девојкина (девојче во период на полово созревање) и линија на возрасни (три лица формираат љубовен триаголник – таткото, мајката и тетката на девојчето).
Надворешната рамка на романот ни го пренесува животот на една куникула од нејзиното окотување, па до смртта. Ако не ја земаме предвид водечката тема „ерос – танатос“, која е безвременска, романот овде и сега е најактуелен поради животинската тема, која авторот не ја обработува трендовски, туку утврдените претстави на современиот урбан човек за животните (животно = милениче) ги соочува со светот на одгледуваните и дивите животни, кои не се стерилизирани и изземени од борбата за опстанок. Но главниот квалитет на романот не е во описот на животинскиот свет како таков, туку преплетот на трите раскажувачки линии што се огледуваат една во друга, меѓусебно се опоменуваат и од неочекувани точки разоткриваат некои табуизирани теми (инцест, канибализам, полигамија). На композициско ниво, авторот со промена на раскажувачкото гледиште постојано си подигрува со очекувањата на читателите и така постигнува моќни ефекти.
Поради тоа што приказната почнува со убиство, може да се означи како криминалистички роман, а поради тоа што во романот се плетат и се раскинуваат врски, може да се означи и како љубовен роман, но всушност станува збор за неконвенционална и мошне бизарна психолошка драма.
Провокативен роман што крши табуа, не се плаши да зборува за најскриените и ниските страсти. Фасцинантна студија за тоа зошто им се предаваме на страстите и што ни прават тие, спакувана во компактна, нелинеарна, стилски разновидна и, пред сè, тотално исконска приказна.
Илустрацијата и дизајнот на корица е на Хари Дудески.