Денеска завршува пописот во Црна Гора
Во Црна Гора досега се регистрирани 618.351 лице, а во 69 случаи е потврдено одбивањето на регистрацијата, изјави директорот на Дирекцијата за статистика (Монстат), Мирослав Пејовиќ.
– До денешен ден се попишани 618.351 лице, 199.081 домаќинство и 356.464 стана – рече Пејовиќ на седмата седница на Комисијата за следење на спроведувањето на Договорот за условите за одржување на пописот.
Пејовиќ истакна дека се потврдени 69 случаи на одбивање попис и 152 случаи кога пописната комисија дополнително ќе комуницира со граѓаните. –
Гледаме дека во однос на минатиот пат бројот на попишани жители во главниот град е зголемен – рече Пејовиќ. Тој додаде дека пописот е при крај и дека верува дека сѐ ќе биде направено до пропишаниот рок, кој истекува денеска.
Заменик-директорката на Монстат, Снежана Ремиковиќ, истакна дека сѐ уште е рано да се зборува за пораст или за пад на населението и дека треба да се чекаат резултатите според местото на вообичаеното живеење.
Таа нагласи дека голем проблем е состојбата кога граѓаните не се дома, но дека попишувачите сега се достапни и ќе бидат достапни по барање. Ремиковиќ посочи дека законот предвидува прелиминарните податоци да се објават во рок од 30 дена, објави порталот РТЦГ.
Пописот на населението во Црна Гора, по две години одложување и две одложувања, започна на 3 декември, а требаше да заврши на 18 декември, но во меѓувреме беше донесена одлука овој процес да се продолжи за уште 10 дена.