Како што се наведува во истражувањето, во многу загадените урбани области мозоците на милиони деца се погодени од штетните ефекти што произлегуваат од загадувачите. Загадувањето на воздухот во животната средина може да предизвика невротоксични ефекти врз децата
ЗАГРИЖУВАЧКИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО НА КИНЕСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ
Според едно истражување од Кинеската академија на науките (ЦАС), загадувањето на воздухот може да „дејствува како тројански коњ“ и може да ја влоши сериозноста на вирусните инфекции со внесување вируси длабоко во белите дробови и другите органи. Истражувачите во трудот објавен во реномираното списание „Сајанс адвансес“ велат дека нивните резултати наложуваат дополнителна итност за да се стави приоритет на управувањето со квалитетот на воздухот и политиките за намалување на загадувањето на воздухот. Освен што е сериозен „помагач“ на вирусите, загадениот воздух има низа штетни последици, а истражувањето дури утврдило поврзаност со појавата на аутизмот кај децата.
ПМ 2,5 Е ПРИЧИНА ЗА 42 МИЛИОНИ СМРТНИ СЛУЧАИ ВО СВЕТОТ
Според истражувањето, загадувачите на воздухот се сложени мешавини, кои содржат честички, гасови, апсорбирани метали и органски загадувачи. ПМ 2,5 (аеродинамички дијаметри еднакви или помали од 2,5 μm) дејствува како главен тип на загадувач на воздухот и може да апсорбира големи количества тешки метали и токсични органски загадувачи. Изложеноста на животната средина на ПМ 2,5 резултира со околу 42 милиони смртни случаи, што претставува приближно 7,6 отсто од вкупниот број смртни случаи во светот.
Загадувањето на воздухот има различни ефекти врз луѓето од различна возраст, при што децата, бремените жени и постарите лица се најподложни популации. Сѐ повеќе се препознава дека астмата, вртоглавиците, епилепсијата и многу други заболувања може да бидат последица на ПМ 2,5. Притоа, ова е поддржано од епидемиолошки студии што сугерираат поврзаност помеѓу изложеноста на ПМ 2,5 и нарушувања поврзани со овие и многу други болести, вклучувајќи когнитивно оштетување и мозочен удар, како и некои ментални нарушувања како шизофренија, депресија и аутизам. Мозокот во развој е подложен на прецизна регулација на клеточните настани како што се пролиферација, диференцијација, миграција и созревање во одредени временски точки. Тие настани може да бидат изменети од загадувачите на воздухот, што може да доведе до невропатолошки и морфолошки промени во мозокот и да предизвика негативни ефекти врз функцијата на однесувањето.
Како што се наведува во истражувањето, во многу загадените урбани области мозоците на милиони деца се погодени од штетните ефекти што произлегуваат од загадувачите. Загадувањето на воздухот во животната средина може да предизвика невротоксични ефекти врз децата, а загадувањето на воздухот поврзано со сообраќајот може да доведе до промени кај учениците во когнитивниот развој, учењето, академските перформанси или однесувањето. Студиите исто така укажуваат на високата развојна токсичност на ПМ 2,5, која покажува различни штетни ефекти, вклучувајќи структурни малформации, ретардација на растот, дисфункција и смрт на сексуално зрелото потомство, поради контакт на таткото и/или мајката со егзогени физичко-хемиски фактори. Епидемиолошките студии сугерираат поврзаност помеѓу детскиот аутизам и загадувачите на воздухот бидејќи децата од мајки изложени на високи концентрации на ПМ 2,5 за време на бременоста имаат поголема веројатност да бидат дијагностицирани со аутизам.
КОГА ИМА СМОГ, ЛУЃЕТО ЛЕСНО НАСТИНУВААТ
Фанг Мин, коавторката на истражувањето од Институтот за микробиологија на академијата, објасни дека покрај штетните ефекти на честичките од загадениот воздух врз човековото здравје, тие исто така може да бидат оптоварени со патогени микроорганизми што предизвикуваат инфекции. Истражувачите забележале дека вирусите што се пренесуваат преку честички може да патуваат длабоко во респираторниот систем на глувците и да стигнат до подалечните органи, како што се црниот дроб, слезината и бубрезите. Фанг рече дека, иако тимот го набљудувал феноменот во експериментите со животни, тој може да се однесува и на луѓето, бидејќи „патот по кој животните се заразуваат со патогени микроорганизми е сличен на оној на луѓето“. Така, кога има смог, луѓето лесно може да настинат или да развијат тешки симптоми, затоа што вирусите се апсорбираат во честичките од загадениот воздух, што го олеснува ширењето на вирусот.
Фанг и нејзините колеги истражуваа четири чести честички на загадувањето на воздухот, како прашина, биојаглен (дрво изгорено без кислород), црн јаглерод и мали честички познати како ПМ 2,5, и нивните ефекти врз преносот и заразноста на вирусите Х1Н1. Тимот ги комбинираше вирусите со секој од загадувачите во лабораториски експерименти и откри „цврсти и одржливи“ интеракции. Количеството на вирусот било највисоко во примерокот со честички ПМ 2,5, а потоа следувал биојагленот, се наведува во студијата. Истражувачите рекоа дека нивните набљудувања покажале дека честичките дејствуваат како тројански коњ за вирусно навлегување во клетките домаќини во раните фази на инфекцијата.
Истражувачите открија дека прашината, иако помалку ефикасна во апсорпцијата на вирусите, внесува 98 отсто од својата вирулентна содржина во белите дробови. Спротивно на тоа, 83 отсто од вирусите што се пренесувале преку биојагленот останале во носната празнина.
И Скопје на удар на честичките ПМ 2,5
Податоците од истражувањето се совпаднаа со фактот дека Скопје веќе неколку дена е задушено од нечист воздух. Загадувањето е екстремно, а како доминантни загадувачи, според мобилните апликации, но и според официјалната страница на Министерството за животна средина и просторно планирање, се јавуваат честичките ПМ 10 и ПМ 2,5. Состојбата е алармантна до тој степен што од вчера во сила се и вонредни мерки. Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во Скопје е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и оти стапуваат во сила препораките од уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање.