Евентуална испорака од страна на Јапонија на системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Украина ќе имаат „најтешки последици“ за односите со Русија – изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Односите меѓу Токио и Москва нагло се влошија по руската инвазија врз Украина во февруари минатата година. Јапонија им се придружи на своите западни сојузници во воведувањето економски санкции против Русија.
– Не е исклучено во процесот на трансфер (од Јапонија во САД) на системите „Патриот“ да се активира веќе разработената шема и оваа опрема да заврши во Украина. Ваквите јапонски дејствија од нас ќе бидат сфатени како недвосмислено непријателски и ќе предизвикаат најсериозни последици за Јапонија во контекст на нашите билатерални односи – рече Захарова во врска со одлуката на Токио да дозволи трансфер на системи за противвоздушна одбрана во Вашингтон.
САД ја поздравија одлуката на Јапонија да им предаде системи „Патриот“.
Захарова, исто така, рече дека Јужна Кореја не треба да биде изненадена ако Москва возврати по одлуката на Сеул да го продолжи списокот со санкции за стоки што не можат да се извезат од оваа источноазиска земја во Русија без посебна дозвола. Јужна Кореја оваа недела соопшти дека ќе додаде повеќе од 600 видови стоки кои евентуално би можеле да се искористат за воени цели.