Фото: Маја Јаневска-Илиева

Годишно обраќање на претседателот Пендаровски во македонското собрание

Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на новогодишното обраќање, повика на консензус меѓу политичките партии за клучните прашања важни за иднината на државата. Тој во фокусот го имаше и „прочистувањето од корумпирани политичари и судии“, но и проблемот со демографијата.
– Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024 година и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот парламент и претседателските избори во САД. Евентуалното забавување или запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па сѐ до меѓуетничките односи – истакна Пендаровски, кој по петти пат имаше новогодишно обраќање во законодавниот дом, за последен пат во овој мандат како претседател.
Претседателот на државата додаде дека изминативе години бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки што ги носел, но дека секогаш бил на страната на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите и од тој аспект неговата совест е мирна.

Македонскиот претседател се осврна и на безбедносните ризици што им се закануваат на светот и на земјата, во контекст на војната во Украина и случувањата меѓу Хамас и Израел, а се осврна и на драматичното опаѓање на ентузијазмот меѓу граѓаните во однос на членството во ЕУ, како и на предизвикот од носењето на уставните измени во земјата, кои ќе мора да продолжат без оглед на тоа кој ќе биде на власт. Иселувањето и корупцијата и во ова новогодишно обраќање до граѓаните ги посочи како едни од најголемите проблеми со кои се соочува државата. Повика на прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај политичарите. И за секој за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, побара веднаш да следува не само оставка туку и кривична постапка.

– Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кои практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“ – потенцираше Пендаровски.
Тој уште нагласи дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања и дека интенцијата не е да се прави од Бугарија непријател.
Говорот на претседателот Пендаровски го следеа пратениците, дипломатскиот кор, како и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

С.Т.