ФОРМУЛА 1

Макс Ферстапен собори мноштво рекорди на патот кон титулата во Формула 1 во 2023 година, а Формула 1 на својата интернет-страница издвои некои достигнувања, од хет-трикови до кругови во водство.

  • Три. Со победата во Мајами, Остин и во Лас Вегас, Ферстапен стана првиот возач во историјата на Ф1 што победил трипати во една земја во текот на една сезона.
  •  Четири. Тој исто така освои најмногу победи на трките во спринт во една сезона, со победи во Спилберг, Спа-Франкоршамп, Остин и во Интерлагос, надминувајќи ги двете на Валтери Ботас од 2021 година.
  • Шест хет-трика. Таканаречениот хет-трик, со пол-позиција, победата на трката и најбрз круг на трките во Шпанија, Австрија, Британија, Јапонија, Катар и во Абу Даби, го стави Ферстапен за еден хет-трик во предност пред Алберто Аскари (1952 година) и Михаел Шумахер (2004 година) на вечната листа.
  •  Шест застанувања. Ферстапен исто така направи најмногу застанувања во пит-стоп при победа во една трка, застанувајќи шест пати на трката дома, во Зандворт, израмнувајќи се со Џенсон Батон од трката во Канада во 2011 година.
  •  Десет во низа. Откако двапати беше поразен од тимскиот колега Серхио Перез на воведните четири трки, Ферстапен оствари 10 последователни победи на трките од Мајами до Италија, со што го надмина претходниот рекорд на Себастијан Фетел од девет, поставен во 2013 година.
  •  Дванаесет од пол-позиција. Дузина победи на Ферстапен дојдоа од пол-позицијата, надминувајќи го реперот на Најџел Менсел и на Фетел од девет, од 1992, односно од 2011 година.
  • Победи, 19. Ферстапен оствари вкупно 19 победи и иако сезонава има повеќе трки, рекордот на Ферстапен на 22 настана му дава процент од 86,3 отсто, над 10 проценти повеќе од следниот најдобар процент, на Аскари.
  •  Подиуми, 21. Во Сингапур е единствената трка во сезоната каде што Ферстапен не се качи на подиумот, забележувајќи рекордни 21 настап меѓу првите тројца, што е 95,4 отсто. Михаел Шумахер имаше 100 проценти во 2002 година, со 17 подиуми од 17 трки.
  •  Победничка разлика, 290. Огромната предност на Ферстапен пред Перез од 290 бода беше најголемата разлика за освојување титула за возач во историјата на спортот, надминувајќи ја предноста на Фетел од 155 поени пред Алонсо во 2013 година и водството на Холанѓанецот од 146 пред Шарл Леклер во 2022 година.
  • Вкупно поени, 575. Конечниот резултат на Ферстапен од 575 поени, од можни 620, е исто така,најмногу во една сезона за возач. Во процентуална смисла, со оглед на различните системи за бодови што беа поставени низ годините, Ферстапен уште е зад голем број возачи од 1950-тите и 1960-тите. Аскари постигна совршен резултат во 1952 година (36/36) и Кларк во 1963 година (54/54) и во 1965 година (54/54).
  • Кругови во водство, 1.003. Ферстапен комплетира повеќе од 1.000 круга во водството на трките и сега има 1.003 од 1.325 круга, со што се најде на чело во 75 проценти од времето, а следната најдобра бројка е 739 од 1.133 круга на Фетел од 2011 година.

Н.М.