Предлог заклучоците се многу јасни и ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес што ќе продолжи, кој што е неминовен и на крајот ќе резултира со успешно завршување на преговорите и да станеме земја членка на ЕУ – порача премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Македонија, посочи Ковачевски, заврши успешен скрининг процес, кој што е признаен од ЕУ, меѓутоа, како што нагласи „сите знаете дека ние имаме уште една обврска што треба да ја завршиме“.
– Таа сега зависи од нас, меѓутоа, таа дискусија секако ќе продолжи. Процесот ќе продолжи и неминовно ќе заврши со влез на Северна Македонија во ЕУ – истакна Ковачевски.
Според Ковачевски, доколку сите политички актери во нашата држава имаа позиција како што има владејачката коалиција, денеска ќе беше друга ситуација овде, и како што вели, ќе разговаравме за отворање на поглавјата и кластери.
Во однос на уставните измени, Ковачевски, рече дека тоа е обврска што е многу јасно нотирана во Извештајот и во самите предлог заклучоци стои дека штом, тие амандмани ќе бидат донесени, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција.
– Се она што јас го зборувам во изминатите година и половина се потврди како точно – порача Ковачевски.