Обвинителот Гаврил Бубевски (лево) и министерот Оливер Спасовски ги изнесоа најновите сознанија во врска со монструозниот случај / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Преземените опсежни мерки и активности на полициски службеници на СВР-Скопје, како и на обвинителите во Основното јавно обвинителство, доведоа до идентификување на основано осомничените сторители на три кривични дела, како и расветлувања на низа факти од споменатиот кривичноправен настан во предистражната постапка на споменатите институции. Во процедурата понатаму ќе бидат поврзувани фактите и материјалните докази со претпоставките, за да се направи целосна и веродостојна реконструкција на случајот што би била несоборлива пред судските органи, а осомничените сторители би биле обвинети и правосилно осудени…

ЗАЕДНИЧКА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА МВР И ОЈО: РАЗВРСКАТА НЕ НÈ ДОВЕДЕ ДО ПОСАКУВАНИОТ ИСХОД

За жал, разврската не нѐ доведе до исходот што го посакувавме сите ние и целата македонска јавност, да ги пронајдеме живи. Двете лица, и малолетничката од Скопје и 74-годишното лице од Велес беа пронајдени од полицијата убиени и закопани. Првото во околината на Скопје, а второто во околината на Велес, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој и главниот јавен обвинител Гаврил Бубевски, вчера, во просториите на Јавното обвинителство, одржаа прес-конференција на која соопштија детали од предистрагата за грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Петмина осомничени, еден во бегство

Преземените опсежни мерки и активности на полициските службеници на СВР-Скопје, како што рече Спасовски, довеле до сторителите на ова грозоморно кривично дело без преседан. Тие се утврдени и за нив по извршените вештачења и искази се собрани материјални докази.
– Поточно, во врска со двата случаја, осомничени се пет лица, од кои за три е веќе определена мерка притвор, едно е надвор од државата, а петтото лице (татко на малолетничката) е приведено, со него е извршен распит и понатаму ќе се преземаат мерки по насока на ЈО. Како што сте веќе запознаени, мотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и со знаење според првичните сознанија на член на семејството, го организирало извршувањето на кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, од кои понатаму сите инволвирани би имале материјална корист – нагласи тој.
За другата жртва, повозрасното машко лице од Велес, рече дека нема никаква врска со малолетничката, туку дека имало нерасчистени односи со еден од осомничените. Неговото возило „ситроен“ е одземено и употребено при извршување на кривичното дело, за потоа тоа возило да биде пронајдено опожарено. Токму со тоа возило е земена малолетничката, и тоа во влезот на зградата, односно живеалиштето, откако претходно, според исказите на осомничените, нејзиниот татко споделил информации со организаторот за денот и времето на нејзиното излегување сама од домот.

Спасовски: Ќе сторам сѐ монструмот да биде изведен пред лицето на правдата

– Секако, главен организатор, а наедно и извршител, кој со пиштол на 27 ноември, според досегашните утврдени докази, некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата истрага, е лицето што ја напуштило државата непосредно по стореното кривично дело. По него се трага. Можам да ви ветам дека ќе сторам сѐ јас и институцијата, ова лице, или подобро овој монструм, на кое му ја следиме трагата, што поскоро, штом ќе стапне на наше тло, да биде изведен пред лицето на правдата – нагласи Спасовски.

Тројца ги признале грозоморните убиства

Главниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски рече дека тројца од осомничените го признале делото. За убиствата, кои ги оквалификува како грозоморни, рече дека се предвидени максимални затворски казни.
– За тројца од петтемина инволвирани за кои постои сомневање имаме признание за целокупниот нивен ангажман во настанот и кој за што бил задолжен во ова кривично дело. Од сето ова можеше да се дефинира дека извршиле две кривични дела грабнување, кои се поврзани со делото користољубие, грабнување заради корист. Имаат извршено и две кривични дела убиства, со поврзаност на двете дела, со што тоа добива најтешка кривична казна – рече Бубевски.
На тројцата приведени им е определена мерка од притвор од 48 часа затоа што сѐ уште е во тек обработката на податоците што се од материјална природа.

Бубевски: Таткото посредно учествувал, нема сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство

Во однос на инволвираноста на таткото, на прес-конференцијата беше посочено дека двајца од осомничените ги добиле информациите од таткото кога девојчето ќе излезе од дома. Обвинителот Бубевски рече дека тоа се посредните докази со кои располагаат, што насочува на истрага на таткото.
– За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе оддома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото – нагласи обвинителот.
За тоа дали и таткото со осомничените бил во бизнис-врска, Бубевски рече дека истражните дејства се насочени во тој правец.
Бубевски на пресот прецизира дека првоосомничениот, кој е во бегство, е организатор и реализатор на убиствата. Во однос на прашањето за алибито на таткото на денот на случувањето на кривичните дела, односно дали тој директно бил инволвиран во киднапирањето и имал физички контакт со другите осомничени обвинителот првично рече „да“, но не изнесе повеќе детали, како што рече, поради интерес на истрагата.
Обвинителот рече дека е важно јавноста да не шпекулира за евентуална проблематична инволвираност за мајката на Вања.
– Мајката нема никаква активност од проблематична природа – рече Бубевски.


Мотивите за забрзано организирање на заедничката конференција за јавност од страна на ОЈО и МВР

И за прес има вистинско време?

Причините поради кои прес-конференцијата не беше свикана порано, како што соопштија од обвинителството, е собирањето на доказите за да се излезе во јавноста со конкретни детали.
– Свесни дека ако излеземе со нецелосна или неточна информација за инволвираните и нивната поврзаност, тоа само уште повеќе ќе ги вознемири граѓаните, а и ќе создаде уште посериозна опасност да се компромитираат доказите што сѐ уште се собираа на терен, тоа не ни го дозволуваше. Од тие причини јавноста требаше да биде информирана веднаш кога ќе се создадат услови односно, според нашите процени, во текот на денешниот ден, со соодветните изјави од институциите. Меѓутоа, со оглед на крајно неодговорните шпекулации што започнаа да се шират и се закануваа намерно да создадат паника и меѓуетничка омраза, за злоупотреба на овој настан, синоќа бевме принудени да излеземе со соопштение со оние детали што ги имавме до тој момент. Знаеме дека тоа не беше доволно, бидејќи од првиот момент сме свесни за интересот на јавноста, но и меѓународните стандарди при вакви трагедии, кои налагаат роднините да не дознаат за смртта на своите блиски или за потенцијална вмешаност на член на нивното семејство од медиумите, а од друга страна не смееше да се дозволи да се ризикуваат доказите – истакна Билјана Арсовска од Основното јавно обвинителство.