Денеска е вториот и последен ден од Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кој се одржува во главниот град на Македонија, Скопје.
Според најавите на последниот ден од состанокот треба да се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Се очекува прес-конференција да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи Бујар Османи, со претствник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ Шмид.
Инаку бојкотот на дел од делегациите на говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неговите обвинувања кон Западот дека го уништува ОБСЕ, како и пораките кои западните дипломати му ги пренесоа поради руската воена интервенција врз Украина го засенија фокусот на вчерашниот ден од состанокот.
Западните дипломати јасно и со делумен бојкот испратија порака до Москва дека се спротивставуваат на војната во Украина. Тие го вперија прстот во Русија дека го кочи функционирањето на ОБСЕ. Од друга страна и Лавров кој во живо ги слушаше нивните пораки и реакции, возврати обвинувајќи го Западот дека со години го уништува ОБСЕ. Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.
Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, пак, изрази очекувања дека Малта како следен претседавач ќе заврши одлична работа во 2024 година и испрати порака до Русија која по почетокот на инвазијата во Украина ја блокира работата на организацијата.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок порача дека „нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка“.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оцени дека „ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ“.
На маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал на средба министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.
– Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата – соопштија вчера од МНР.
Денес ќе се формализира кандидатурата на Малта за преземање на претседавањето со ОБСЕ следната година. Османи во своето обраќање посочи дека фокусот на конференцијата треба да биде на луѓето во регионот на ОБСЕ и на тоа што е најдобро за нив.
На Министерскиот совет учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.