Фото: ЕПА

Тешките борби продолжија во петокот во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвини палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на израелска територија.

Седумдневната пауза, која започна на 24 ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во опустошениот крајбрежен појас.

Еден час пред примирјето да заврши во 7 часот по локално време(6 часот по средноевропско време), Израел објави дека пресретнал ракета истрелана од Газа.

Немаше коментар од Хамас или преземање одговорност за лансирањето.

Палестинските медиуми објавија израелски воздушни и артилериски напади низ енклавата по истекот на примирјето, вклучително и во градот Рафа, во близина на границата со Египет.

Во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, очевидец за „Ројтерс“ изјави дека може да слушне силно гранатирање и чад што се издига на истокот на градот.

Едно лице го загуби животот по вчерашното пукање во Ерусалим, според извештаи на израелските медиуми. Жртвата е „вооружен цивил“ кој се обиде да ги фати двајцата напаѓачи, но израелските сили по грешка го сметале за непријател и тешко го раниле. Тој доцна синоќа починал од здобиените повреди. Двајца од напаѓачите, исто така биле убиени кога израелските сили одговорија на нападот.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху нареди уривање на нивните куќи во источен Ерусалим како казна и одвраќање од идни такви акции.