Записи во несоница
Дарвинизам. Тој поим, драг читателу, како што знаеш и самиот, е поврзан со Чарлс Дарвин и неговата еволуционистичка теорија во која го нема Бог, наспроти креационистичката во која тој го создава светот. Бог кој е морална норма за човекот. Не случајно во таа смисла тој покрај со словото, како што вели Светото писмо, се служи и со мудроста како елемент за создавање на вселената. Тоа го знаел и мудриот Кант, па во една контемплативна екстаза ќе рече усогласувајќи ја својата со божествената природа: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“.
Борбата за превласт меѓу еволуционистичката (без Бог) и креационистичката (со Бог) теорија, без разлика и на нивното длабоко минато, трае од појавата на Дарвин, еве, веќе повеќе од две столетија. Тоа е борба не само со филозофски, научен, туку и со изразит егзистенцијален, социјален и политички дискурс. Во неа во западната материјалистичка безбожна цивилизација, се разбира, триумфално победи дарвинистичката еволуционистичка теорија, која далеку и пред Дарвин и пред Галапагос егзистира во древниот систем на робовладетелство. Англискиот теолог и научник сега само заводливо теориски ја инаугурира „волјата за моќ“, но не онаа метафизичката на Шопенхауер и Ниче. Посебно на Ниче, кој поаѓајќи од неа го постави на пиедестал како нејзин производ Натчовекот. Но тој натчовек не е суровиот човек на капиталот како што го интерпретираат некои, туку Новиот човек, кој е повикан да го обнови човештвото во распаѓање, онака како што го сфаќаа него и поетите на германскиот експресионизам.
Така. Било како било, пак, драг читателу, дарвинистичката, а не Ничеовата и Шопенхауеровата волја за моќ, коja ја промовира капиталот, е непорекливо карактеристична за западната евроамериканска цивилизација со изразит практичен и профитабилен ум. Тој нејзин силен залет почнува уште со првиот цивилизациски свиреж на првата парна локомотива. Имено, тој го најави и светот на западниот капитализам, кој со брзина на светлината понатаму ќе се оддалечува од Бог и божественото. А „ако нема Бог, сè е дозволено“, ќе рече Достоевски, а неговиот германски близнак Ниче дека светот во кој живее заминува „од онаа страна на моралот и законот“. Така. Иако во крајната инстанца како утопистички анархист и тоj го сонувал општеството на тотално ослободениот од морал и закон Човек, подразбирајќи го под тоа отсуството на државата, коjа, како што вели и Маркс, има улога на „апарат за угнетување“. Пред сè.
Туку да одиме попрецизно драг читателу in medias res во темата. Рековме дека дарвинизмот како модерен општествен модел е западна шифра уште од бумот на индустриската револуција во XIX век, која вестеше среќа за човештвото, а излезе обратно, среќа само за еден привилегиран слоj. Тоа, небаре старозаветни пророци, го предвидоа и романтичарите, кои не случајно го насетуваа настапот на светската ноќ (Хелдерлин) во отсуство на божественото, а со тоа „светската болка и тага“ (англиските романтичари). Слично чувство имаше и Е.А. По зад Атлантикот: „Навистина ми е доста од овој живот и овој XIX век воопшто. Убеден сум дека сè ќе иде на лошо“. А што ќе речеа сите тие ако живееја сега во целосно корпоративната, докрај дарвинизирана западна цивилизација, во која „волјата за моќ“ на западните корпорации целосно дејствува според еволуционистичкиот закон што го откри Дарвин на Галапагос: „Крупната риба ја голта помалата“. Групирање на посилните за да ги покорат послабите.
Да. И така почнува пред две столетија по писокот на првата парна машина западниот корпоративен капитализам, станувајќи од деценија на деценија сè пожесток и поперфидно софистициран за легален грабеж. И Никола Тесла кога стигна во Америка беше фасциниран од таа слика што се вика „слободен пазар“ како капиталистички специјалитет, па изјави дека таа е сто години пред Европа, за набргу потоа радикално да го смени своето мислење во корист на Стариот Континент. Всушност тоа се случува откако тој бргу-бргу го видел на дело моќниот корпоративен канибализам. Тој гледа како е нелојална конкуренцијата и како „најспособните“, односно, потоа, најбогатите се изопачуваат во трката за профит, губејќи ги моралните критериуми и газејќи преку живи трупови.
Е, и така, како што гледаш, драг читателу, во дарвинистичкиот еволуционистички свет без Бог се роди тој левијатан, корпоративното чудовиште, економската ајкула што ги голта малите риби. И така функционира од Вашингтон до Брисел и назад тој систем на моќните џиновски корпорации што ја влечат цивилизацијата во нов софистициран модерен тип на робовладетелство. Сега во тој дарвинистички систем вистина ги нема така видливо како во Римската Империја Калигула и Нерон, но тие се сепак присутни во големите корпорациски банки, па и драмата со фрлање на робовите во устата на ѕверовите во римскиот колосеум е исто така маскирана со страдањата во таквиот суров профитабилен свет на цели сиромашни народи. Од XIX век наваму најмногу корпорациски колонизираните народи на Африка, кои сè уште го трпат japемот на новиот софистициран, но сепак груб модерен робовладетелски систем. Додуша, иронично истиот тој од западните моќни нации понекогаш е оправдуван со еден единствен збор – алиби „демократија“. Демек демократизирање на заостанатите недемократски земји. Но тој збор, драг читателу, стана опасен, екстремно опасен, оти не еднаш сме биле сведоци дека при неговото изговарање полетуваат и западни бомбардери полни со смрт, наменета за оние што не сакаат да се вклопат во моќниот западен корпоративен либералкапиталистички систем. А јасно ти е, драг читателу, и тоа дека и нашиот проколнат Балкан не е поштеден од таа дарвинистичка ламja на капиталот и профитот, кој му е најважен на западниот, како што го дефинира Маркузе, „еднодимензионален потрошувачки човек“. Ни жална Македонија не е поштедена тука. Еве, ни дојде „Бехтел и Енка“ со катастрофална над сите норми цена за изградба на еден пат Косово виа Албанија. И никој нема пристап кон договорот на државата со таа мегакорпорација. Прогласен е за државна тајна затоа што, всушност, и државата кај нас, како и во други такви случаи (сега и со грчкиот проект за браната „Чебрен“), не само што се вклопува во корпоративниот систем туку самата кон сопствениот народ дејствува како корпорација во која пленот, грабежот се поделува од исцицаната крв и пот на сиромашниот народ. Стручно: од даночните обврзници. Сето тоа, пак, сиот тој корпоративен дарвинизам кај нас го пофали како регуларен (оти е во основа вистина таков) и Американката со ангелско име на Кале. Итн. Па, може ли, брате Рацине, да огреат твоите Бели мугри и да се искали на небото твојот „силно светнат ден“ во твојата утопистичка „Куќа цел свет“, замислена уште во визијата на твоите далечни антички предци, кои ги презре оваа корпоративна канибалистичка цивилизација и повте и името да им го сотре. Брате Рацине.
Добро. Сè е јасно на макро, туку сега одиме на микроплан, драг читателу: корпорацијата и малиот одвај видлив нејзин индивидуален клиент. Тоа ќе го илустрирам со личен пример. Склучив летото минатата година договор со „А1“ за префрлање на телевизијата и интернетот од „Телеком“ кај нив (а мобилниот ми е одамна кај нив). Демек малку поевтино, без да се сетам на поговорката дека сиромавиот двојно плаќа, а ако си имаш работа со корпорација, може и повеќе. Пред да потпишам службеничката на „А1“ ја прашав дали префрлањето ќе се изврши без никаков прекин на комуникацијата. Нормално, климна потврдно со нејзината, како што се покажа подоцна, фина корпоративна насмевка. Но не беше така. Да не ги објаснувам деталите, останав два дена без телевизија и интернет, кој баш тогаш ми беше насушно потребен. Третиот ден налутен, но пред сè навреден од таквиот однос, се вратив повторно на „Телеком“, кој работата ја заврши за половина час. Службеничката на „А1“ не сакаше да го раскинеме официјално договорот, не по моја вина, и оттогаш почна мојата мала психолошка „Голгота“ со таа корпорација од Австрија со клон во Македонија. Дури одвоив и 700 евра од мојата скромна пензија за да им ја платам казната, иако сум невин, бидејќи не ми даваа објаснување за нивната грешка, туку правејќи се наудрени, а мене правејќи ме недоветен, ми даваа повторно и повторно совети како да се вклучам, сега ќе дошле и ќе ја завршеле работата. Јас секако не се согласив на тоа, а тие без да ме известат почнаа да ми наплаќаат интернет и телевизија без да користам нивна услуга, така од септември сè до мај годинава веќе успеав да го раскинам договорот со помош на Агенцијата за електронски комуникации. Напишав и писмо за сè што ми се случуваше, за психолошката тортура, го адресирав до централата на „А1“ во Виена, но сè уште не сум го испратил. Едно време мислев и да тужам, но требаше да водам сам битка со нивниот корпорациски адвокатски тим. Се откажав. А поентата, пак, во целата таа приказна, драг читателу, во рамките со темата на нашата колумна, е тоа што до денес оваа корпорација сместена во убава зграда („Дигнаа банки, палати“ – Рацин) кај црквата „Света Богородица“ (можеби за да ја чува) од другата страна на Вардар не ни помисли, сè до денес, да ми ги врати парите што ѝ ги уплаќав на сметките што ми ги праќаше без пружена услуга. И нема ни да го сторат тоа штом досега не го сторија. Нормално, тоа е грабеж.
Тоа е покрај макро и микросликата на корпорацискиот дарвинизам. Доволно јасна за да не треба да се објаснува. И по ова мое искуство, кое не е единствено, целосно ми е јасно како сите ние од сиромашниот Балкан се вклучивме во новата цивилизација на Европа како ЕУ. А се вклучивме, драг читателу, со моќните корпорации на нивните моќни и богати нации, со нивните телекоми, електростопанства и други корпорациски гиганти, кои потоа доминираат и со нашите енергетски и материјални ресурси и со нашата душа и психологија. И тоа се вика цивилизација, Обединета Европа, прогрес, демократија, а сè спакувано во еден единствен термин на новиот тоталитаризам со име либералкапитализам. И сето тоа по проклетиот комунизам од кој толку многу се плашеше Западот. Оти мораше да го зачува од него својот скапоцен дарвинистички пронајдок за владеење со општеството, светот и работничката класа, „црнотрудовиот народ“ како што ја викаше неа Рацин, а која со извесни шминкерски модификации и денес во либералкапитализмот остана таква. А лицемерството на тој корпоративен систем, драг читателу, знаеш пред столетие и нешто го расветли генијалниот Маркс. Toј го откри клучот со кој функционира, а божем во име на слободниот пазар и способните, профитот што ја трупа огромната планина на капиталот на богатите, сопственици на големите секакви корпорации. А тој, пак, капитал се трупа од вишокот на добивката од трудот што ја произведуваат работниците, а ја присвојуваат „способните“ во канибалистичката конкуренција на прославениот, а скриено крвожеден „слободен“ пазар на трудот, пазар на канибалистичките корпорации. Генијалниот Маркс го знаеше сето тоа` и маестрално го изанализира во своето ремек-дело на економијата „Капиталот“, поттикнувајќи го пролетаријатот на револуција. Така и се случи Октомври 1917 во Русија, но не издржа долго. Во дарвинистичката битка на светската сцена, парадоксално, иако беше крупна риба, сепак успеа на крајот и него да го проголта ајкулата на либералкапитализмот. Од него, несовладан, уште се држи комунизмот во мудрата Кина, кој со „Појас и пат“ и моќно обновениот „Пат на свилата“ му нуди шанса за хуманизација и на либералкапиталистичкиот Запад.
Толку за денеска, драг читателу. Има уште многу за оваа тема. Но другпат повеќе. Сè најубаво до идната наша средба.