Фото: ЕПА

Кејн го постигна 18-от гол во своите први 12 натпревари во Бундеслигата, нешто што на ниту еден фудбалер досега не му успеало во првенството на Германија. Тој е и на врвот на трката за европската „златна копачка“. Единствениот англиски фудбалер што ја освоил таа голгетерска награда претходно е Кевин Филипс од Сандерленд, во 2000 година

ФУДБАЛ

Хари Кејн има сензационален почеток на кариерата во Баерн и веќе постигнува рекорди, голови и асистенции. Неговото доаѓање беше радосно дочекано од навивачите на Баерн, кои во него ја видоа долгоочекуваната замена за Роберт Левандовски.
– Мислам дека првите неколку дена беа дефинитивно малку чудни. Одење во нов тренинг-центар, на нов стадион, запознавање со нови соиграчи, носење поинаков дрес, сите овие работи беа сосема ново искуство за мене, па дефинитивно малку се чувствуваше од тој притисок. Јас сум тип личност што смета дека секогаш има нешто во што можете да станете подобри и секогаш има начини да се подобрите – рече Кејн, чие семејство во моментот остана во Англија по раѓањето на нивното четврто дете кон крајот на август, пишува Бундеслигата на својата интернет-страница.
Уште неколку голови е најмалку што сите во Баерн очекуваат од нивното рекордно засилување, каде што дресот со број 9 не е само синоним за Роберт Левандовски, туку и за Герд Милер, најдобриот стрелец на сите времиња во Бундеслигата. Кејн веќе надмина еден негов рекорд, постигнувајќи 18 гола во првите 12 натпревари во Бундеслигата, а Милер во првите 12 натпревари од сезоната имаше 17.
– Во Кејн го имаме токму играчот што ни треба, поради начинот на кој игра. Се обидуваме да го вклучиме повеќе во нашата игра и ова ќе биде апсолутна успешна приказна. Го имаме совршениот напаѓач за нас и повеќе од среќни сме со него. Тој е апсолутно импресивен и го прави секој соиграч подобар.

Хари знае што треба да се направи и игра со неверојатна прецизност – изјави неодамна Томас Тухел, тренерот на Баерн, пренесе Бундеслигата.
Во првите неколку недели откако Кејн е во Минхен беше откриено ново обележје во градот со статуа на Милер пред стадионот.
– Сакав да откријам каков е и како игра – изјави капитенот на Англија кога ја гледал снимката од Милер на „Јутјуб“.
– Тој беше неверојатен стрелец и според она што го слушам, пред сѐ неверојатна личност. За мене е многу посебно да ги следам неговите стапки – вели Кејн.
Можеби е уште рано во сезоната, но рекордниот почеток на Кејн во Баерн му дава одличен почеток да стане само вториот освојувач од Англија на европската „златна копачка“, пишува „Би-би-си“. Европската „златна копачка“ му се доделува на најдобриот стрелец во која било од најдобрите европски лиги во една сезона, но головите се множат со различен коефициент, па головите на играчите во најдобрите пет европски лиги се бројат двојно, погодоците во лигите рангирани од шестото до 22-то се множат со 1,5, а головите на фудбалерите од понискорангираните првенства се множат со еден. Единствениот англиски фудбалер што ја освоил таа голгетерска награда претходно е Кевин Филипс од Сандерленд во 2000 година.
Кејн е на врвот на европската трка со 18 гола во своитепрви 12 натпревари во Бундеслигата, нешто што на ниту еден фудбалер досега не му успеало, пишува „Би-би-си“. Рекордот за голови во Бундеслигата во една сезона е 41 на Роберт Левандовски, во 2021 година. Кејн никогаш претходно не бил блиску до „златната копачка“. Со неговата најдобра сезона со 30 гола тој немаше да ја освои наградата од 2007 година досега. Кејн се искачи на врвот на европската трка за „златната копачка“ во петокот, надминувајќи го досегашниот лидер, Амал Пелегрино, кој постигна 23 гола на 27 натпревари за норвешката екипа Бодо-Глимт сезонава, пишува „Би-би-си“. Тие голови се помножени со 1,5 и тој има 34,5 бода. Кејн сега има 36 бода. Тимот на Пелегрино има уште пет натпревари сезонава. Н.М.