Задоволен сум од мојата игра на ЕП. Ова ми е прв медал. Бев трипати многу блиску до освојување медал, но постојано нешто малку недостигаше, вели Маркуш, кој е европски првак со Србија и освојувач на бронза за постигнат индивидуален резултат на четвртата табла. Љубителите на шахот во Скопје добро се сеќаваат на Маркуш, кој во 2011 година победи на првиот меѓународен турнир „Опен Карпош“, на кој настапувал седум пати и еднаш на „Опен Скопје“

ШАХ

Истакнатиот велемајстор (ВМ) Роберт Маркуш (моментен рејтинг 2.582 поени), со репрезентацијата на Србија, се врати со два медала од Европското екипно првенство (ЕП) во шах, кое неодамна заврши, и тоа злато екипно, што е и прво за Србија, и бронза за постигнат индивидуален резултат на четвртата табла (две победи и четири ремија, без пораз). Србија, која беше рангирана 10-та пред почетокот на ЕП 2023, со тоа приреди подвиг, забележувајќи седум победи и по еден пораз и реми или вкупно 15 бода (24 поени по табли). Успехот го надградија со уште два поединечни златни медали ВМ Алексеј Сарана (2.669), кој освои злато на втората табла, и ВМ Велимир Ивиќ (2.557) за најдобра резервна табла.
Љубителите на шахот во Скопје добро се сеќаваат на Маркуш (40), кој во 2011 година победи на првиот меѓународен турнир „Опен Карпош“, на кој настапувал седум пати и еднаш на „Опен Скопје“. Велемајстор е од 2004 година. Досега настапил на шаховските олимпијади (ШО) во 2004, 2006, 2010, 2012, 2014 и во 2022 година, трипати бил вицепрвак на Србија, најдобриот пласман на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) му е 73-то место во 2017 година, а рејтингот од 2.673 поени (во мај 2017) е најголем што го достигнал некој српски шахист. Годинава ги бранеше боите на Будуќност (Црна Гора), Рума (Србија), Фурстенфелд (Австрија), Киршваје (Германија), Наѓанижа (Унгарија) и Љубљана Тајфун (Словенија).

Дали се надевавте на златен медал во екипна конкуренција и пред почетокот, со оглед на тоа што бевте рангирани 10-ти пред ова ЕП?
– Пред да почне ЕП не се надевав на дека ќе освоиме злато. Но почнав да верувам дека, сепак, може да се случи тоа дури во текот на последното деветто коло. Репрезентацијата беше засилена со двајца шахисти од Русија, а тоа многу ни значеше. Атмосферата во тимот беше одлична, многу се дружевме, си помагавме едни на други. И селекторот Миодраг Перуновиќ, како и тренерот Милош Перуновиќ, беа на висина на задачата.
Колку сте задоволни од вашата игра, четири поени од шест партии, без пораз, што, секако, придонесе да освоите бронзен медал на четвртата табла?
– Задоволен сум од мојата игра на ЕП. Ова ми е прв медал. Бев трипати многу блиску до освојување медал, но постојано нешто малку недостигаше.
Која победа ви е најдрага во кариерата?
– Сум играл против многу силни шахисти, а како најдрага, сепак, би ја издвоил победата против истакнатиот руски ВМ Петер Свидлер.
Според вас, кој најдобриот шахист на сите времиња и дали сметате дека доаѓа времето на доминација на Индија?
– Тешко е да се избере еден шахист што е најдобар, бидејќи секој светски првак би го заслужил тоа. Но, според мене, одговорот на ова прашање е Роберт Фишер. Што се однесува до Индија, таа направи вистински шаховски бум и не е далеку времето на нејзината доминација во шаховската игра.
Кои се вашите идни шаховски планови и дали ќе дојдете на традиционалниот турнир „Опен Скопје“ (6-12 декември), кој наедно ќе биде и Балканско првенство? Досега се пријавиле 12 српски шахисти.
– Ме очекува еден викенд во германската Бундеслига и уште еден во унгарската лига. За жал „Опен Скопје“ се совпаѓа со настапот токму во Унгарија, така што веројатно нема да можам да учествувам годинава.