Пролетни избори во еден циклус и договор за Изборен законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, најавија вчера лидерите на владејачката коалиција и опозицијата. На вториот круг од претседателските избори би се одржале парламентарните избори, а дали ќе се третираат како редовни или предвремени во однос на роковите зависи од датумот што ќе го договорат партиите на средба во декември.
Според премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во мај идната година има доволно простор да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Ковачевски најави дека на средба во Собранието во текот на декември ќе се дефинираат сите детали во однос на одржувањето на изборите.
Во однос на техничката влада, Ковачевски рече дека таа е законска обврска и сто дена пред одржување на изборите согласно Законот за влада којшто е важечки во државата има техничка влада. Исто така и тој закон се носи со консензус помеѓу политичките партии во Собранието.
– Во однос на финалните одлуки што ќе треба да бидат донесени во врска со одржувањето на изборите, се работи за две одлуки. Едната е прво промена на Изборниот законик преку внесување на сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР, на тоа работи работна група. Во почетокот беше работна група во која што учествуваа експерти и претставници на политички партии во Собранието, меѓутоа сега се вклучени и политички партии од власта доминантно, меѓутоа и опозициските партии. Мислам дека за многу краток период ќе имаме изборен законик што ги вклучува сите одредби од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и што ќе овозможи продолжување на одржување на демократски избори во државата какви што ги имавме во изминатите циклуси, а за разлика од оној 11-годишен период кога изборите беа окарактеризирани како недемократски – рече Ковачевски.
За тоа дали ќе имаат заеднички листи со ДУИ, рече дека тоа е нешто што е одлука на политичките партии и е предмет на коалициски договори, така што во моментов, додаде, за такво нешто не можеме со сигурност да се зборува.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа во интервју за Канал 5 изјави дека датумот за избори е предмет на консензус и дека треба да се финализира и да се прецизира.
-Ние ќе се бориме да дојдеме блиску или пак зошто да не, да освоиме мнозинство во Парламентот веднаш, а тоа се 61 пратеник – рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, предложи две опции за изборите.
-Едната опција е да биде 24 април првиот круг претседателски, односно 8 мај втор круг претседателски и парламентарни избори. Ова би значело почеток на кампања на 4 април или техничка влада некаде на 29 јануари. Вториот предлог беше доколку се изборите предвремени, 31 март да биде првиот круг претседателски, а 14 април втор круг претседателски и парламентарни избори, што би значело некаде на 11 март да имаме почеток на кампања. Ние сме подготвени по било која од овие две опции да одиме. Јас сум загрижен дека Ковачевски во оваа негова мачо игра тој да биде главниот ќе се предомисли и повторно ќе прави политички гимнастики – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ја препушта иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски, ова да биде негов предлог, само да може веќе официјално да се затвори ова прашање.
Мицкоски смета дека е многу важно да има успешен претседателски круг, во кој ќе избереме претседател.
-Според мерењата на јавното мислење, оној кандидат кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде иден претседател, но зошто да не заедно со граѓаните да направиме уште еден историски подвиг а тоа е од позиција на опозиција, политички субјект да освои 61 пратеник – додаде Мицкоски.
Тој не откри кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата и најави дека таа одлука ќе биде донесена наскоро на партиска конвенција. За тоа дали тоа може повторно да биде професторката Гордана Силјановска Давкова, Мицкоски рече: „никогаш не вели никогаш“.
За праламентарните избор, пак, потврди дека тој ќе биде носител на кандидатската листа во Изборната единица 1.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета и дека нема потреба од формирање предизборна техничка влада и дека треба со партиите од власта и останатите парламентарни партии да седнат и да се договорат за бришење на техничката влада, и не само на овие избори туку и на сите следни избори.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ има коалициски капацитет да привлече некоја албанска партија, тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво во неколку општини веќе е во коалиција со политички субјекти на Албанците.
За коалицирање, како што посочи, ќе се разговара откако ќе бидат познати изборните резултати.
Претходно во средата министерот за правда Кренар Лога навести дека 8 мај е веројатен датум за парламентарни избори.
-Неофицијално јас знам дека тој датум ќе биде и официјален датум. Како и да е, ќе треба деновиве мнозинството да заземе став, а после и со опозицијата, а верувам дека тој ќе биде датумот за двата изборни циклуса – рече Лога на новинарско прашање дали 8 мај ќе биде датум за изборите.
И вицепремиерот и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, рече дека во мај има простор за одржување на редовните избори.
Во 2024 година во Македонија треба да се одржат редовни претседателски и парламентарни избори.