Се надевам дека оваа соработка ќе ни донесе многу заемно учење и знаење. Се надевам на успех во нашата соработка, бидејќи навистина сакаме да направиме многу за македонскиот народ. Во делегацијата што дојде има многу експерти, особено во информатичката медицина, радиологијата, рехабилитацијата, хирургијата…, кои се водечки експерти во нивната област, рече проф. д-р Тао Ву
Универзитетска и научна делегација составена од врни експерти од информатичката медицина, радиологијата, рехабилитацијата и хирургијата, предводена од претседателот на Шангајскиот универзитет за медицина и здравствени науки, проф. д-р Тао Ву, беше во посета на првата македонска приватна општа болница „Ре-медика“, каде што и официјално беше означен почетокот на научната медицинска соработка на универзитетот и болницата.
Во иднина, како дел од таа соработка, „Ре-медика“ ќе биде демонстрациско-апликативна база за презентација на врвни медицински истражувања од Шангајскиот универзитет за медицина и здравствени науки.
– Оваа болница е прочуена по гинекологијата и акушерството и се надеваме дека ќе можеме да соработуваме во повеќе погледи. И јас сум доктор и имам специјализирано во САД во 2003 година. Во нашата демонстрациско-апликативна база со помош на истражувачката и демонстрациско-апликативната блокчеин-базирана Платформа за активна нега на возрасните, која исто така е поддржана од Националната програма на Кина за клучно истражување и развој (National Key R & D Program of China), во моментов, меѓу другото, сме посветени на развој на интелигентна медицина и нејзина примена кај возрасното население – рече д-р Тао Ву на свеченоста во „Ре-медика“.
Тој не го криеше задоволството од можноста неговиот тим да ја посети „Ре-медика“.
– Се надевам дека оваа соработка ќе ни донесе многу заемно учење и знаење. Се надевам на успех во нашата соработка, бидејќи навистина сакаме да направиме многу за македонскиот народ. Во делегацијата што дојде има многу експерти, особено во информатичката медицина, радиологијата, рехабилитацијата, хирургијата…, кои се водечки експерти во нивната област – рече проф. д-р Тао Ву.
Бидејќи Македонија и Кина имаат дипломатска соработка преку иницијативата „Појас и пат“, што е модерниот „Пат на свилата“, кинеската делегација нагласи дека се надева дека „и на академско и на универзитетско ниво ќе има голема размена на знаења меѓу Македонија и Кина“.
На ова му претходеше посета на дел од менаџерскиот тим на „Ре-медика“ на истражувачкиот центар во Шангај, за што особена благодарност изрази генералната директорка на болницата, Елица Јорданова.
– Многу сме ви благодарни, благодарна сум му и на целиот тим што беше на средбата во Шангај, во вашиот истражувачки центар. Беше големо задоволство да се види на што работат кинеските научници во Шангај – потенцираше Јорданова.
Соработката беше официјализирана со специјална плакета од кинеските научници за „Ре-медика“, во знак на почеток на, како што беше истакнато, идната плодна соработка. Р.Н.М.