Фото: Слепченски манастир

Во согласност со потребите и барањата на современиот свет за дигитализација на културното наследство, со што тоа трајно се заштитува од заборавот, особено е важно збогатувањето на манастирската дигитална библиотека – со повеќе од двесте ракописи, во кои се вбројуваат и многу значајни ракописи постари од 16 век, кои ќe стaнат подoстaпни за нивно попродлабочено истражување од различни аспекти

Дигитална реституција на старословенските ракописи по потекло од манастирот во Слепче

Во минатото Слепченската света обител била ставропигијален манастир на Охридската архиепископија, во чиј скрипториум биле пишувани црковни книги за потребите на соборната црква во Охрид, порачувани од охридскиот архиепископ.
Токму поради тој факт, повеќемина истражувачи велат дека е несомнена потребата од континуирано презентирање на богатото македонско ракописно наследство, објавување на ракописите, кои поради својата архаичност, разнородната содржина и јазичните особености се од особено значење за историјата на македонската писменост, но и пошироко за славистичката наука.
Во тој контекст манастирската заедница и, особено, игуменот Серафим се насочени кон активности чија цел е дигитална реституција на старословенските ракописи по потекло од Слепче и обнова на манастирската библиотека. Во согласност со потребите и барањата на современиот свет за дигитализација на културното наследство, со што тоа трајно се заштитува од заборавот, особено е важно збогатувањето на манастирската дигитална библиотека – со повеќе од двесте ракописи, во кои се вбројуваат и многу значајни ракописи постари од 16 век, кои ќe стaнат подoстaпни за нивно попродлабочено истражување од различни аспекти.
Несомнено, значаен придонес во таа насока е и трудот „Црковното книжевно наследство на слепченскиот манастир ’Св. Јован Претеча’“ од академик Ѓорги Поп-Атанасов, за кое познавачите на оваа проблематика укажуваат длабока увереност дека ќе го привлече вниманието не само на славистичката научна и стручна јавност туку и пошироко, на сите заинтересирани за книжевното културното наследство создавано низ вековите.

Во трудот на академик Ѓорги Поп-Атанасов е направена археографска презентација со факсимили на голем дел на ракописните книги пишувани во најзначајниот и најбогат скрипториум на Охридската архиепископија.
Трудот содржи 14 поглавја, во кои е опфатено повеќевековно творештво, од најстарите зачувани слепченски ракописи, пергаментни и хартиени ракописи, слепченски поменици, ракописите од одделни слепченски книжевници како Висарион, Пахомиј, Матеј, Сисој и др., до ракописи од 17 век и старопечатни црковни книги.
– Сето ова црковно книжевно наследство ќе биде претставено во ова мошне значајно, репрезентативно издание, со што ќе се даде значаен придонес за афирмација на Слепченскиот манастир како духовен, книжевен и уметнички центар. Од особена важност е што во минатото Слепченската света обител била ставропигијален манастир на Охридската архиепископија, во чиј скрипториум биле пишувани црковни книги за потребите на соборната црква во Охрид, порачувани од охридскиот архиепископ – вели во рецензијата проф. д-р. Лилјана Макаријоска, дописна членка на МАНУ. Д.Ст.