Македонските традиционални песни и ора во Р.Албанија се несоборлив доказ за постоењето на македонскиот идентитет и култура / Фото: Игор Бансколиев

Трудот на македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска на темата „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ за нас Македонците е од непроценливо значење, бидејќи меѓу другото се намалува просторот за фалсификување на нашата, македонска народна песна, рече меѓу другото Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ во Тирана

Научен труд како најдобар одговор против фалсификаторите на македонските корени и наследство

Популарната македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска деновиве успешно ја одбрани докторската дисертација на темата „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на институтот за фолклор „Марко Цепенков“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Моите истражувања покажаа дека Македонците од тие региони никогаш не ги напуштило чувството за песната, јазикот, припадноста и идентитетот! Македонскиот народ што живее во тие три региони, токму преку традиционалните македонски песни во разни варијанти е поврзан како еден единствен народ – напиша д-р Андријана Јаневска.
Притоа Јаневска ѝ се заблагодари и на комисијата за големата поддршка во целиот процес.
– Голема благодарност до комисијата во состав: проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска, проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленовска, проф. д-р Весна Петреска и проф. д-р Горанчо Ангелов. Секако, најголема благодарност ѝ должам на проф. д-р Родна Величковска, која како моја менторка ме водеше низ процесот на создавање на овој труд, на кој му посветив девет години љубов, внимание и работа. Ѝ благодарам на проф. д-р Катерина Тодороска, која ми ја разгоре љубовта кон историјата на Македонија и ми даде идеја да го проучувам македонскиот фолклор во Албанија. Му благодарам и на Никола Ѓурѓај, кој ме запозна со многу пејачи и раскажувачи, кои со своето учество придонесоа да се зачува од заборав македонскиот фолклор – наведе Јаневска.
Покрај многубројните честитки и позитивни реакции што доаѓаат од сите страни, за обележување е реакцијата на Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ во Тирана.

– Трудот на македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска на темата „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ за нас Македонците е од непроценливо значење, бидејќи меѓу другото се намалува просторот за фалсификување на нашата македонска народна песна – оценува Ѓурѓај.
Според него, во овој труд се опфатени неколку многу важни теми за Македонците во Албанија, а започнува со стандардниот вовед за запознавање на читателите со темата што се обработува.
– Потоа, д-р Јаневска се задржува на географско-историските и демографско-социополитичките особености во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Покрај тоа, таа дава осврт и врз досегашните проучувања на музичкиот фолклор на Македонците, потоа обредите и обредните пејачки жанрови, кои се поделени на календарски обредни песни, песни од животниот циклус, ороводни песни, лирски песни, печалбарски песни и балади – додава Ѓурѓај.
Се обработува и тема за традиционалните музички инструменти што ги користат Македонците при изведбата на македонските народни песни, потоа современата состојба на македонскиот музички фолклор во Мала Преспа, Голо Брдо и во Гора. Исто така претставени се фолклорни манифестации, собири и фестивали, како и медиумско претставување на традиционалните пејачки форми кај Македонците во трите области.
– Особено значаен дел во овој труд претставува делот во кој ги обработува структурно-композициските законитости на македонските народни песни преку метроритмичката компонента на песните, како и со обработка на мелодиско-созвучната компонента во македонските народни песни во Мала Преспа, Голо Брдо и во Гора – посочува тој.
Од исклучително значење за македонската традиција во Мала Преспа, Голо Брдо и во Гора се прилозите во кои се наоѓаат напеви и поетски текстови во традиционалното народно пеење на Македонците и дијалектни текстови во трите области, речникот на помалку познати зборови и дејалектизми во текстовите, регистрите, илустрациите.
– Без намера да правиме детална анализа или рецензија на докторскиот труд на д-р Андријана Јаневска, нам, на Македонците во Албанија, ни претставува особена чест што еден македонски научник ја документира и ја обработи македонската народна песна што со векови се пренесува од колено на колено во македонските средини во Албанија – завршува Ѓурѓај. Д.Ст.