ДЕЈВИС-КУП
Канада, со денешниот меч со Финска (од 16 часот), го отвора финалниот турнир на Дејвис-купот во Малага (Шпанија) и со тоа тргнува во одбрана на титулата освоена лани, кога стана 16-та земја што го освоила трофејот. Во финалето во 2022 година, Канада, која беше финалист и во 2019 година, ја победи Австралија, со 2-0. Канада годинава игра и за да се обиде да го повтори подвигот на Чешка, која е последната селекција што двапати по ред била тениски светски шампион (славеше во 2012 и во 2013 година).
Годинашниот турнир, кој е 111-ти по ред (првиот Дејвис-куп се одржа во 1900 година), ќе трае до недела, а другите двојки од четврт-финалето се Чешка – Австралија (утре), Италија – Холандија и Србија – Велика Британија (двете задутре). Најуспешни репрезентации се САД со 32 титули, Австралија со 28, Велика Британија и Франција со по 10 трофеи итн.
Од 2019 година, дуелите на финалниот турнир се играат до две победи (претходно до три), а на програмата се по два меча во поединечна конкуренција и еден во двојки (порано по четири поединечни натпревари и еден во двојки). На турнирот се очекува настап на, меѓу другите, Новак Ѓоковиќ, Феликс Ожер-Алиасим, Јаник Синер, Камерон Нори… Н.М.