Писателката и главна уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“ од Скопје, Билјана С. Црвенковска, е на еднонеделен студиски и работен престој во издавачката куќа „Виге ваге књиге“ од Љубљана, Словенија. Посетата опфаќа размена на искуства, вмрежување и можност за идна соработка. Црвенковска учествува активно во работата на „Виге ваге књиге“, издавач што има сличен развоен пат како издавачката куќа „Чудна шума“ – мал независен издавач што активно издава стрипови и графички романи, а од неодамна има отворено и мала книжарница во центарот на Марибор.
Црвенковска и главната уредничка на издавачката куќа Ања Голоб (која е и реномирана словенечка писателка и поетеса) споделија искуства за работата на европските проекти, за предизвиците со кои се соочуваат малите издавачи во земјите со помали пазари и помала читателска публика, за начините на надминување одредени проблеми, како и за можностите за вмрежување и партнерство. Одредени искуства од работата на „Виге ваге књиге“, кои се применливи и за македонскиот пазар, ќе бидат добредојдени за примена и во работата на „Чудна шума“.
Престојот е во рамките на проектот „Балкан транслејшнс колидер“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.