Иако ЕК потенцира одредени области во кои е постигнат напредок, таа е многу искрена за оние области во кои не е постигнат напредок, особено за оние области што ние ги сметаме за толку важни и ги опишуваме како дел од основите во пристапните преговори, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир за извештајот за напредокот на државата објавен од старана на Европската комисија.
Укажа на областите во кои Македонија нема постигнато напредок, а тоа, како што рече, е, пред сè, со владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација и основните човекови права. Извештајот, како што рече, е искрен, но правичен.
-Сакаме да ги охрабриме властите, како и сите политички актери, да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите. Сите сфаќаме дека проширувањето е во наш заемен интерес.
Македонија продолжи да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата додека се соочува со значителни предизвици во владеењето на правото.
-Во извештајот се искажува загриженост за политичката поларизација, што влијаеше врз работата на Собранието, со што се одолжуваат потребните реформи. Процесот за пристапување кон ЕУ бара консензус меѓу политичките партии токму за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури. Повикуваме на тоа дека ЕУ-знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласат со ЕУ-нормите, а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10 д, договорот со „Бехтел и Енка“ – потенцира Гир.
Истакна дека напредок не е постигнат и во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
-Корупцијата останува присутна во многу области и останува прашање на загриженост. Имаме случаи на корупција на високо ниво, кои се зголемуваат. Тоа резултира и со застареност на случаите и тоа е нотирано како прашање на сериозна загриженост за тоа што измените на Кривичниот закон ги намалија максималните казни за некои случаи.
Во јавната администрација има ограничен напредок – рече тој.
Додаде дека условите во затворите и натаму се лоши и не се следат препораките од Европскиот комитет за превенција од тортура.