Кејн е на врвот на листата на стрелците во Бундеслигата, со 15 гола, но не е единствениот играч што претставува сериозна закана за рекордите на Левандовски (41 гол во првенството на Германија) и на Меси (50 погодока во некоја од најсилните пет лиги во Европа), откако Гираси од Штутгарт постигна 14 досега во девет првенствени натпревари. Со Кејн и Гираси во форма, рекордите би можеле да продолжат да паѓаат, пишува „Би-би-си“
ФУДБАЛ
Со 15 гола во своите први 10 натпревари во германската фудбалска Бундеслига, Хари Кејн постави рекорди во Баерн, но дали е на пат да го собори и рекордот на Роберт Левандовски во една сезона на германското првенство од 41 гол, пишува Бундеслигата на својата интернет-страница. Легендата на Баерн, Герд Милер, постави, како што се мислеше, несоборлив рекорд од 40 гола во сезоната 1971/72, бројка што стоеше како пример за напаѓачите речиси 50 години. Тоа беше сѐ додека Левандовски не постигна еден гол повеќе во сезоната 2020/2021, постигнувајќи го својот 41. гол во 90. минута во последното коло на таа сезона, во победата со 5-2 на дуелот со Аугсбург. Сигурно, мислеа луѓето, нема шанси некој повторно да се приближи до тоа. Левандовски постигна 35 гола во следната година, а Ерлинг Холанд во Борусија Дортмунд постигна 27, односно 22 гола во неговите две цели сезони во клубот.
Сето тоа го прави брилијантниот почеток на Кејн во Германија уште позачудувачки. Хет-трикот на 30-годишниот играч во победата на Баерн со 4-0 над Борусија Дортмунд во саботата беше негов втор хет-трик во последователни натпревари. Претходниот фудбалер што го постигна тоа беше Марио Гомез во 2011 година. Кејн, исто така, има три хет-трика во Бундеслигата досега, подвиг што некогаш го постигнал Кристијан Милер од Келн во иста фаза од сезоната, во 1964/65.
Најновите подвизи на напаѓачот го одведоа на врвот на листата на стрелците во Бундеслигата, со 15 гола. Кејн не е единствениот играч што претставува сериозна закана за рекордот на Левандовски, откако Серху Гираси од Штутгарт постигна 14 досега во девет првенствени натпревари. Со Кејн и Гираси во форма, рекордите би можеле да продолжат да паѓаат, пишува „Би-би-си“.
Единствениот играч во 60-годишната историја на Бундеслигата што некогаш постигнал 15 гола по 10 кола беше Герд Милер, кој го имаше точно истиот резултат во сезоната 1968/69, пишува Бундеслигата. Од друга страна, Герд Милер и Левандовски постигнаа само четири, односно 12 гола во овој дел од сезоната во нивните соодветни сезони кога поставуваа рекорди. Кејн има и пет асистенции, по што центарфорот на Баерн е директно вклучен во 20 гола сезонава. Откако почна деталното собирање податоци во Бундеслигата во 1992 година, никој никогаш не ја достигнал таа бројка толку брзо.
Но капитенот на Англија одби да се занесе кога го прашаа за рекордот по неговиот неодамнешен хет-трик, пишува „Би-би-си“.
– Уште има за играње. Роберт беше фантастичен за клубот и еден од најдобрите напаѓачи во светот. По првите неколку натпревари реков дека ќе бидат потребни неколку натпревари за другите да ме запознаат. Јас не сум само класичен број девет што останува во напред цело време. Чувствувам дека со секој натпревар стануваме подобри и сѐ повеќе се разбираме. Со овие момци околу мене знам дека ќе добијам многу шанси – вели Кејн, пренесе „Би-би-си“.
Кејн е на пат да ги достигне и 50-те гола што Лионел Меси ги постигна во сезоната 2011/2012 за Барселона во шпанската Ла лига. Тие 50 гола на Меси во 37 настапи се и рекорд во една сезона од кој било фудбалер во една од најдобрите пет европски лиги од формирањето на Премиер-лигата во 1992 година. Н.М.