Попладневните дремки можат да бидат корисни за мозокот. Тоа го потврдува и скромната причинско-последична врска помеѓу вообичаеното дремење и поголем вкупен волумен на мозокот. Оживувачката попладневна дремка може да биде спас кога сме преморени и се чувствуваме како да нема доволно часови во денот за сè што треба да правиме.
Динамичниот живот без дилема си го зема својот данок, а кога ќе се совпадне со неколку ноќи со малку или без сон, се чувствуваме преморено и особено тогаш не сме во состојба да ги исполниме обврските или да правиме сѐ што сакаме. Одговорот на тој проблем би можел да се скрие во оживувачка попладневна дремка од 15 минути или т.н. дремка за енергија.
Еден од начините на кои дремењето помага е тоа што ни овозможува да го достигнеме очајно потребниот сон, но влијае и на нашата меморија. Најдоброто нешто е што нема да ни го наруши ноќниот сон. Затоа стравот дека нема да спиеме навечер ако „украдеме“ 15 минути сон во текот на денот не е оправдан.
Со кратката дремка, според д-р Сара Ц. Медник, експертка за спиење и авторка на книгата „Дремнете! Променете си го животот“, го ресетираме нашиот систем и влијаеме на подобрување на перформансите на моториката.
Должината на дремката, која не треба да биде пократка од 15 минути, го зајакнува и нашиот мозок. Кога спиеме подолго од тоа, според Медник, се зајакнуваат нашата меморија и креативност. Дремката од 30 до 60 минути е добра за вештини за донесување одлуки, меморирање на вокабуларот или потсетување на насоки. Брзото движење на очите или РЕМ-спиењето во 60-90 минути игра клучна улога во создавањето нови врски во мозокот и решавањето на креативните проблеми.