Иако личи на евтина трик-измама за продажба на лажен бугарски идентитет по багателна цена, не треба да потцени субверзивниот ефект со дестабилизирачки намери што можат да го предизвикаат ваквите провокации. Навистина, апсурдно е што колку и да е видлива апсурдната и провокаторска политика што Бугарија ја спроведува кон Македонија, нејзините непринципиелни услови само за отворање на преговорите на македонското евроинтегрирање, за ЕУ, бараните измени на македонскиот устав се само „процедурално прашање“
Од продукцијата на апсурдните фантазии на бугарските „сонувачи“ за освојување на Македонија, преку асимилација на Македонците, неодамна беше лансирана уште една банална провокација од езотеричната фондација од Бугарија, која сака да се нарекува „Македонија“. За одржување на континуитетот на својата искомплексираност од македонскиот идентитет, оваа фондација сега преку интернет нуди пари за семејства од Македонија да го променат презимето и наместо на „ски“, да завршуваат на „ов“ или „ев“. За таквата промена се нудат „дури“ 300 евра. Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието на некаква „голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари“. Неодамна, од истите бугарски кругови, задолжени за провокација, се препорачуваше да се искористи барањето на еден политички субјект за воведување графа за етничка припадност во изводите од матичните книги во Македонија, за македонските граѓани да се впишат како Бугари и на тој начин, наводно, за 80 денари да добијат шанса да аплицираат за бугарски пасош. Впрочем, богато е провокаторското досие со разни понуди на оваа фондација, создадена наменски, токму кога Бугарија ги активираше вето-механизмите во ЕУ за повторно да ги блокира македонските евроинтеграции. Актуелната бугарска политика во механизмите за одлучување на ЕУ препознава шанса за „процедурално“ бугаризирање на Македонија и Македонците, со увереност за санирање на историските фрустрации тоа да го постигне со војни, во неколку наврати само во минатиот 20 век. Всушност, Бугарија таквата „европска можност“ ја искористи уште во својот претпристапен процес за членство во ЕУ, кога се стекна со визна либерализација, па своите пасоши почна да ги продава низ регионот, а особено во Македонија, како брза шанса за „европеизација“. Сега бирократски манипулира со бројката на тие издадени пасоши и државјанства, настојувајќи да ги прикаже во бриселските институции како „стекнато право за побројно малцинство“ во Македонија. Навистина, во последниве години на отворена процедурално-идентитетска агресија спрема Македонците, под превезот на европските „вредности“, Бугарија оваа стратегија со делење свои пасоши ја прошири и во западното соседство на Македонија, па намамува претставници од македонското малцинство во Албанија и во Косово на тамошните пописи да се изјаснуваат како Бугари.
Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејства се консултира и координира со официјалните бугарски институции, најчесто со Бугарската агенција за дијаспора. Нејзиното севкупно дејствување, како и последнава непристојна понуда, веројатно е дел од некаква замислена стратегијата за теренско зголемување на бугарскиот „малцински фактор“ во Македонија. Се чини дека идејата за замена на македонските презимиња на „ски“ во форма што завршува на „ов“ и „ев“, во бугарската провокаторска логика е замислена како дополнителен аргумент за притисок врз македонскиот општествен амбиент за спроведување на измените во македонскиот устав, со „приоритетна задача“ за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во него. Божем, наставките „ов“ и „ев“ во презимињата се ексклузивно бугарско јазично право (?!)
Иако личи на евтина трик-измама за продажба на лажен бугарски идентитет по багателна цена, не треба да потцени субверзивниот ефект со дестабилизирачки намери што можат да го предизвикаат ваквите провокации. Во Македонија веќе имаме непријатни искуства од бугарските провокаторски активности и злоупотреба на европските вредности, со епизодата на формирање квазикултурни бугарски клубови со имиња на фашистички колаборационисти во Втората светска војна. На почетокот на годинава, во центарот на Скопје, официјален бугарски политичар дрско провоцираше со изјави дека Македонија е бугарска. Еден приватен насилен инцидент во Охрид меѓу македонски граѓани беше искористен од официјална Софија за цела кампања против Македонија за наводна омраза спрема Бугарија и Бугарите… Навистина, апсурдно е што колку и да е видлива апсурдната и провокаторска политика што Бугарија ја спроведува кон Македонија, нејзините непринципиелни услови само за отворање на преговорите на македонското евроинтегрирање, за ЕУ, бараните измени на македонскиот устав се само „процедурално прашање“.
Како резултат на оваа провокаторска и уценувачка политика од страна на официјалната бугарска политика, анкетите во Македонија покажуваат дека македонските граѓани во Бугарија гледаат непријателски сосед. Притисокот, пак, наводно во европски тон, во форма на наративот дека подобро ќе се бориме за правата на Македонците (и во Бугарија) со почнати преговори, седнати на маса во европските структури, колку и да е „мек и процедурален“, никако не дава временска предвидливост кога и дали Македонија воопшто ќе биде во рамноправна позиција со Бугарија, како членка. Како што стојат работите, со евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот устав, побрзо може да се случи да паднат во заборав и пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на македонското малцинство во Бугарија отколку во преговарачкиот процес со ЕУ, македонската страна да инсистира на нивно спроведување. Преговорите со ЕУ треба да започнат од чиста позиција за Македонија и македонскиот национален идентитет со сите негови елементи: јазик, историја, култура! Сѐ друго е лажно ветување, на кое би наседнале вторпат, по Преспанскиот договор!