Израелски тенкови денеска влегоа во кварт на периферијата на градот Газа, прекинувајќи ја главната патна врска меѓу северот и југот на истоимената палестинска територија, јави АФП, повикувајќи се на очевидци, пренесува „Тајмс оф Израел“. Според цитираните извори, тенковите стигнале до влезот на квартот „Зајтун“.
– Го пресекоа патот Салахедин и пукаат во секое возило што се обидува да оди по него – рече еден жител.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) контраадмирал Даниел Хагари изјави дека војската „продолжува постепено“ во Газа како дел од копнената операција и дека имало „директен контакт“ со борците на Хамас.
Тој, исто така, предупреди дека активностите ќе „ескалираат“ и дека војниците се ставени во „висока готовност“ долж северната граница
– Нашите активности и операции ќе продолжат и ќе ескалираат согласно фазите на војната. Ова е проширена копнена операција во Појасот. Копнените сили, тенковите, пешадиските сили, оклопните сили се движат кон терористите. Терористите се групираа во одредени области за да се обидат да ги таргетираат нашите сили, а ние ги нападнавме од воздух, така што успеавме да нападнеме и да целиме на 20 терористи. Има директен контакт меѓу копнените сили и терористите – додаде тој.
Израелските тенкови кои се приближуваа до предградијата на градот Газа сега се повлекоа, тврди Салама Маруф, шеф на владината канцеларија на Хамас во Газа, јави „Ал Џезира“.
– Апсолутно нема напредок во станбените области на Појасот Газа. Она што се случи на улицата Салах ал-Дин беше упад на неколку тенкови на окупаторската војска и булдожер. Овие возила гаѓаа два цивилни автомобили на улицата Салах ал-Дин и ја уништија улицата со булдожер пред отпорот да ги принуди да се повлечат. Во моментов на патот Салах ал-Дин нема возила на окупаторската армија, а движењето на граѓаните по патот е нормализирано – се вели во соопштението на Маруф.