Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи вчера пред новинарите изјави дека тој живее од плата, во контекст на најавата за формираната работна група во Владата, која треба да изготви решение за намалување на примањата на функционерите, особено откако пред седум месеци тие се покачија за 78 проценти.
Иако вели дека тој живее само од својата плата и оти за него ова е важно прашање, министерот за надворешни работи посочува дека, сепак, во ова време на инфлација приоритет треба да им се даде на граѓаните чии плати се околу минималната
Не мислам дека е за фалење кога политичарите велат оти не им е важна платата бидејќи со тоа на некој начин кажуваат дека не живеат само од платата.
– Обично не сакам да бидам популист на оваа тема, затоа што, како што кажав еднаш, не мислам дека е за фалење кога политичари велат ‘не ми е важна платата’, затоа што со тоа како да кажуваат ‘не живеам од плата’ – вели Османи.
Говорејќи во оваа насока, министерот кажа оти нему му е важно ова прашање бидејќи живее само од платата.
– Меѓутоа во овој случај разбирам дека приоритет треба да бидат сите оние чии плати се околу минималната. Мислам дека тоа е клучно и ако ни дојде редот на нас, во ред; ако не, мислам дека приоритетот треба да биде на тие граѓани во ова време на инфлација и на поскапување и треба да им се посвети внимание – додаде министерот.
Најавата за корекциите на платите на функционерите и нивно пренасочување за најранливите категории граѓани пред два дена ја објави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, појаснувајќи дека Владата задолжила четворица министри за воведување нови антикризни мерки. Сепак, на вчерашната владина седница не беше донесена одлука за корекција на Законот за платите на функционерите.
И покрај тоа, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во наредните една до две недели треба да има решение за висината на платите на избраните и именуваните функционери, а кое ќе биде прифатливо, одржливо и нема да биде предмет на поништување од страна на Уставниот суд.