Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на нашата земја на „Евровизија“ и на „Детска евровизија“, вчера ја претстави песната „Кажи ми, кажи ми кој” (Tell me who) со која Тамара Грујеска ќе ја претставува Македонија на „Јуниорскиот евросонг“, што ќе с еодржи во Ница, Франција. Како автор на музиката се потпишува Роберт Билбилов, микс и мастеринг Дарко Димитров и Роберт Билбилов, додека текстот е заеднички на Билбилов и Коста Петров. Видео записот е во режија на Огнен Шапковски.
„Јуниорскиот евросонг“ во Ница ќе се одржи на 26 ноември, а Тамара беше избрана за наш претставник во мај на аудиција во МРТ.
Таа јавно се заблагдоари за шансата што ја доби.
– Голема благодарност до Македонската-радио телевизија, Роберт Билбилов и Дарко Димитров за прекрасната песна, благодарност до Огнен Шапковски за уникатниот спот и сите останати кои неуморно работеа и сѐ уште работат за македонското претставување во Ница – вели Тамара.
Инаку оваа талентирана тинејџерка првите почетоци во светот на музиката ги прави на пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и странство. Препознатлива е по моќните изведби и неверојатен вокал кој освојува и никого не остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број на награди кои ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.
Тамара е ученичка во седмо одделение во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар,а паралелно посетува и седмо одделение во основното музичко училиште „Тодор Скаловски“ во Тетово, отсек „соло пеење“.
Песната „Кажи ми, кажи ми кој” (Tell me who) и спотот се достапни онлајн на официјалната јутуб платформа на Junior Eurovision Song Contest.