веВладата и Министерството за образование сите процедури околу новите учебници за учениците ги имаат завршено уште во текот на првите месеци на летото, истакна премиерот Димитар Ковачевски на прашањето зошто дел од учебниците не се дистрибуирани до учениците и дали министерот за образование треба да сноси одговорност.
– Сите оние книги коишто се добиени од автори, од националната комисија за одобрување на учебници веднаш одат во процес на печатење. Оние што не биле подготвени тие и не можат да бидат испечатени, бидејќи МОН не ги пишува книгите и не ги одобрува. Тоа го прави независна финална комисија. Најголемиот дел од учебниците се испечатени, се дистрибуирани, дел се прави и за викенди. Значи, еден учебник, не би го кажувал предметот, каде меѓу себе конкурираа четири автори и кои согласно со законски процедури требаше комисијата да избере еден од авторите учебник и целата таа процедура е таму регулирана, а не во Владата – вели Ковачевски.
Премиерот забележа дека министерот за образование и наука и како што вели кој било министер, не е задолжен за пишување на книгите.
-Книгите се пишуваат од страна на автори, се рецензираат и се одобруваат од национална комисија за книги која што е независна во делот на пишувањето на книгите, бидејќи ние не можеме да имаме политичко мешање во пишување на книги. Не може да има идеолошка обоеност во пишување на книгите. Тоа е секогаш независно од страна на автори, рецензенти и национална комисија која што ги пишува книгите, така што во тој дел МОН го има завршено се она што е потребно – вели Ковачевски.
Тој додаде дека учебниците мора да бидат напишани од страна на автори и најголемиот дел од учебниците се доставени.
– Секој ден се зборува за различна бројка на ученици колку се доставени или не, меѓутоа најголемиот дел веќе се доставени, освен неколку учебници коишто се однесуваат на едно одделение во текот на наставната програма – рече Ковачевски.