Фото: Јованка Гроздановска

И пред салата „Расадник“, во Кисела Вода, вчеравечер имаше голем број посетители со македонски знамиња во рацете, кои доаѓаа со своите семејства. Се собраа повеќе генерации на едно место, дедовци и внуци, кои сакаа на своите наследници да им покажат дека се дел од нешто големо, нешто што ја јакне кај луѓето љубовта кон татковината

Серијата концерти од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“, во организација на продукција „Скендеровски“, заврши вчеравечер со голем концерт под ведро небо пред салата „Расадник“ во Општина Кисела Вода.
Десетина илјади луѓе беа дел од осмата средба на македонските пејачи со бисерни гласови со македонската публика, на што и претходеа концерти во седум македонски градови.
И во Скопје имаше голем број посетители со македонски знамиња во рацете, кои доаѓаа со своите семејства. Се собраа повеќе генерации на едно место, дедовци и внуци, кои сакаа на своите наследници да им покажат дека се дел од нешто големо, нешто што ја јакне кај луѓето љубовта кон татковината. И сите присутни ги пееја со пејачите убавите македонски патриотски песни, кои со прекрасните аранжмани во ново руво ги облече маестро Николче Мицевски. Се заигра и оро, а се подаруваа и прегратки и цвеќиња. Како сведоштва од овој незаборавен настан останаа и фотографиите зачувани во мобилните, со своите омилени македонски пејачи. Големиот број на млади луѓе во публиката беше знак дека целиот овој проект имал смисол и оти и тие понатаму ќе ја преенсуваат приказната за македонските јунаци, кои ни ја подариле слободата и земјата во која живееме.
Секоја песна беше поткрепена со прекрасен спот со убавините на нашата земја, а младите игроорци од фолклорното друштво „Седенка“, ги изведоа ората „Копачка“ и „Тешкото“, кои исто така се дел од нашето културно наследство.

 

Паркот на револуцијата во Тетово беше претесен, за Македонија се пееше од срце, со развиорени знамиња

Концертот почна со стихови за Македонија што сугетсивно ги кажа актерот Зоран Љутков, потоа неговата сопруга и колешка Маја ги поздрави присутните со зборовите дека вечерва сите сме тука за Македонија и сето срце ќе го отвориме само за неа.

– Нашите предци за да не си го заборават коренот пееле за својата тешка судбина, а ние треба таа оставнина да им ја пренесеме на младите. Затоа вечерва и ние ќе пееме, за да си го сочуваме идентитетот. Не постои народот во светот кој толку многу и толку силно пее за својата земја – рече Маја Љутков.

И се редеа патриотските рефрени. Прво Никола Мицевски се престави со своето авторско дело „Круг“, кое беше дополнето со извонредниот спот во режија на Даниел Јовевски. Младата Мина Блажев ја испеја „Море сокол пие“ и ги повика присутните да пеат со неа еден стих, како што направија и сите други учесници.
Наум Петревски маестрално ја исполни баладата „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, а потоа талентираната Марија Спасовска ја слушнавме со „Ој Вардаре, македонски“ на легендата Јонче Христовски.
Зуица Лазаова ја слушнавме со „Земјо мила“, на која таа и даде свој белег. Нејзин автор е познатиот музичар и композитор, Јане Коџабашија. Емотивен беше моментот кога тој се качи на бината и заедно со неа испеа еден стих од песната. Тој рече дека срцето му е полно поради тоашто, ете, песната се уште живее.
Една од најдобрите интерпретаторки на македонска народна музика, Сузана Спасовска, пред да ја запее„Народе македонски“, на сите им порача : „Ајде вечерва сите да се разбудиме мој народе, со убава македонска патритоска песна“. И одекнааа стиховите „Народе македонски, со какви идеи си ти, доста беше разбуиди се, свести се, не спиј ти…“.
Огнен Здравковски со младешки жар ја испеја „Земјо македонска“, чиј автор е легендарната Васка Илиева, а како и сите уечсници го придружуваа извонредни музичари. Секако во македонски дух, најмногу одекнуваа тапанот, зурлата и кавалот.
Андријана Јаневска со многу емоции ја донесе „Ми заплакало село Ваташа“, додека на екранот одеа стиховите од песната „Цветови“ на Славко Јаневски, што ги кажуваше Игор Џамабзов.
Миле Кузмановски, на своите сограѓани од Кисела Вода им ја посвети вонвременската „Налеј, налеј“, а Александар Трабунов, во чија крв, тече љубовта за татаковината, сите не направи горди пеејќи „Едно име имаме, во душата го носиме“. По него, Наум Петревски и Панчо и Андреј од ДНК ја запејаа „Послушајте патриоти“ и не натераа сите во себе да се заколнеме „во крст и кандило“ дека ќе останеме на браникот на татковината.
Панчо ја искористи приликата и јавно им се заблагодари на сите вклучени во проектот за се што направија.
Пред самиот крај Бојана Скендеровски ја отопеа „Заветна“, чии автори се браќата Барбаровски, која веќе стана неофицијална македонска химна. И се развиорија знамињата и се запалија факаелите, кои се разгореа и во срцата на сите присутни, кои исто така пееја „Само ти си бесмртнса, жива вода понорна, кај што тонеш ти извираш“. Таа на крајот порача „Чувајте ја Македонија, зашто друга земја немаме“.
Концертот заврши со настапот на Ламбе Алабаковски, миленикот на публиката, кој ја отпеа песната на Војо Стојановски „Оган да го гори“. Јавно на сцената му се заблагодари на неговиот син, кој порача дека целото семејство Стојановски се гордее што во рамките на серијата концерти „Македонијо во срце те носиме“ е и песната чиј автор е неговиот татко, кој беше голем патриот. Кулминација на концертот беше кога Ламбе се качи на тапанот и запеа „Слушајте Македонци чувајте го името“!
И публиката пеше, се заврте и оро, луѓе се фатија рака за рака, татко пееше со својот син .Сите присутни спонтано ја запејаа „Едно имаме“, а на самиот крај сите учесници се качија на сцената и секој испеа по еден стих од својата песна.
И одеднаш небото заискри со огномет, но гореше и во градите на присутните, чии срца оваа вечер чукаа силно за Македонија.
Општината Кисела Вода се покажа како одличен организатор на целиот овој настан, додека Телевизија Алфа вршеше директен пренос на својата програма.