ДО ЈАНУАРИ

Богата ракометна активност на македонските машки селекции

Во периодот што следува, на македонските машки ракометни селекции во возрасните категории, сениори, потоа родени во 2004 година и помлади, како и родени во 2006-та и помлади, им претстои голема активност. Така, од 25 до 29 октомври, машката репрезентација, за играчи родени 2006 година и помлади, ќе учествува на меѓународниот турнир во Романија „Трофеј Карпати“ со селекциите на Египет, Романија и на Црна Гора. Од 30 октомври до 5 ноември, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), машката сениорска репрезентација на 3 и 4 ноември ќе одигра два пријателски натпревара со Грција. Од 30 октомври до 5 ноември, исто така, во рамките на неделата на ЕХФ, машката репрезентација, за играчи родени во 2004 година и помлади, ќе одигра пријателски мечеви во Анкара со селекцијата на Турција, кои се предвидени за 3 и за 5 ноември. Истата македонска селекција од 14 до 18 ноември ќе учествува на турнирот во Романија „Трофеј Карпати“.
Во рамките на подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во јануари в година во Германија, сениорска репрезентација, на 4 и 5 јануари во Скопје ќе одигра два тест-дуела со Грција. Од 4 до 8 јануари в година, машката репрезентација, за играчи родени во 2006-та и помлади, ќе настапи на меѓународен квалификациски турнир во Скопје, на кој ќе учествуваат и селекциите на Косово, Словачка и на Швајцарија. Двете првопласирани репрезентации ќе обезбедат пласман на ЕП за играчи до 18 години, во Црна Гора во 2024 година, велат од Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Г.И.


КУГЛАЊЕ

Трофеите за Неумаркт, Раиндорф и за Задар

На Светскиот куп (СК) во куглање, кој се играше во Апатин (Србија, првите осум екипи се пласираа во Лигата на шампионите), Макпетрол го освои 11-то место, а титулата ја освои италијански Неумаркт, кој во финалето го победи хрватски Запрешиќ со 6-2 во поединечни дуели (3.844-3.762 во вкупно соборени кегли). На Европа-купот во Брчко (БиХ, од каде што пласман во Лигата на шампионите обезбедија првите пет тима) Вардар 2014 е осми, а трофејот го освои германски Раиндорф, кој во финалето го победи унгарски Залаегерсег со 7-0 (3.854-3.741). На НБЦ-купот игран во Славонски Брод (Хрватска, во Лигата на шампионите се пласираа првите три тима) Пелистер го освои 21-то место, а 22. е ГТЦ Мусандра (3.238). Титулата во ова натпреварување ја освои хрватски Задар, кој во финалето го совлада германски Халбергмос со 5-3 (3.647-3.616). Во овој куп, во женска конкуренција, Пелистер пин го освои 12-то место. Г.И.


ФУДБАЛ

Потврдени се домаќините на ЕП во 2028 и во 2032 година

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги назначи домаќините за европските првенства во 2028 и во 2032 година. Така, континенталниот шампионат во 2028 година ќе се игра во Англија, Северна Ирска, Република Ирска, Шкотска и во Велс, а четири години подоцна домаќини на Европското првенство ќе бидат Италија и Турција, објави УЕФА.
– Би сакал да им честитам на понудувачите и на здруженијата домаќини, чија посветеност и напорна работа беа соодветно признаени денеска. Заедно ќе создадеме незаборавни изданија на овој голем турнир, кои ќе нѐ обединат и ќе го слават спортскиот дух – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, пренесе УЕФА.
ЕП во 2024 година ќе се игра во Германија. Повеќе од еден домаќин на ЕП првпат имаше во 2000 година (Белгија и Холандија), потоа во 2008 (Австрија и Швајцарија) и во 2012-та (Полска и Украина), а шампионатот во 2021 година се играше во 11 земји (Азербејџан, Данска, Англија, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Романија, Русија, Шкотска и Шпанија). Н.М.


ФУДБАЛ

Шест клуба од англиската лига ветија дека ќе патуваат на мечеви на поеколошки начин

Шест клуба од англиската фудбалска лига ветија дека ќе патуваат на натпреварите на поеколошки начин, поради критиките за клубовите што одат со авион на натпревари, пишува „Би-би-си“. На Милвол од дивизијата Чемпионшип им се придружија Бристол сити, Бристол роверс, Форест грин роверс, Менсфилд таун и Свиндон таун. Повелбата за одржливо патување е лансирана за да им помогне на клубовите да го намалат нивното влијание врз животната средина. Претходно годинава, истражувањето на „Би-би-си“ откри докази за 81 поединечен домашен лет на кратки релации направени од тимови од Премиер-лигата до и од 100 меча во период од два месеца. Повелбата, создадена од работна група составена од добротворна организација, Здружението на фудбалски поддржувачи и шесте клуба, има цел да им помогне на клубовите да направат поодржливи избори и вклучува водич за клубовите за да „можат барем да го намалат бројот на летови“ што ги прават за да одат на натпревари.
– Одржливоста е огромна фокусна точка на работењето на фудбалскиот клуб Милвол, при што веќе е постигнат силен напредок за намалување на отпадот, како и други еколошки иницијативи – вели главниот финансиски директор на Милвол, Марк Фербродер, пренесе „Би-би-си“. Н.М.