Денеска на свечен настан, Фондот за иновации и технолошки развој ги прогласи победниците од јавниот повик „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”. Со овој повик, вкупно 4,4 милиони евра се распределуваат за поддршка на 86 домашни претпријатија да ги реализираат своите иновативни проекти.
Целта на повикот е да се поттикнат претпријатијата да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.
– Навистина ми е драго што семејството на ФИТР од денеска се зголемува за 86 нови претпријатија и со оваа бројка, портофлиото на ФИТР брои 1.153 кофинансирани проекти кои реализирале, реализираат или ќе започнат со реализација со проекти во вкупна вредност од 130 милиони евра. Ова е јасен показател дека Фондот за иновации и технолошки развој е вистински дом за сите микро, мали и средни претпријатија кои имаат иновативни идеи и креативни решенија и навистина ми е драго што од денеска заеднички започнуваме со ново претприемничко патување за кое сум убеден дека ќе резултира со голем успех – изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Директорот на Фондот Халили посочи дека со средствата од овој повик, домашните претпријатија и приватни здравствени установи имаат можност да развиваат нови технологии и да ја зголемат продуктивноста и ефикасноста во своето работење. Од вкупниот буџет, ФИТР кофинансира 4,4 милиони евра, додека корисниците инвестираат 2,7 милиони евра во реализација на проектите. Со реализација на овие проекти, вкупната вредност на инвестиции во приватниот сектор по основ на овој јавен конкурс надминува 7 милиони евра.
Како што е и вообичаено кај инструментите на ФИТР, најголем број од претпријатијата се микро (48%) и мали претпријатија (48%), додека 4% се средни претпријатија. Селектираните проекти ќе работат на проекти најмногу од следните индустрии: информатичката технологија, здравството, технолошката индустрија, земјоделството, угостителството, текстилната индустрија, градежништвото, машинството, образованието, маркетингот, итн.
– Особено ме радува што солиден процент од вкупниот број од селектираните, 43% од компаниите се старт-апи, млади претпријатија, што значи дека сме овозможиле развој на нови идеи, бизниси и проекти. Всушност и нашата мисија е таа, да ги охрабриме ентузијастите да ја преточат својата уникатна идеја во реалност, а ние да им бидеме партнери во целиот тој процес. Дополнително охрабрува фактот што жените претприемачи покажаа значително голем интерес за започнување на иновативен проект, односно 46% од претпријатијата имаат жена како сопственик или управител и лично се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина и кај другите инструменти на ФИТР – изјави Халили.
На јавниот повик кој траеше од 27 март до 5 мај годинава, беа доставени 268 предлог проекти на домашни претпријатија, но согласно процедурите на ФИТР за евалуација на пристигнатите предлог-проекти, Комитетот за одобрување на инвестиции, донесе одлука за доделување на финансиската поддршка на вкупно 86 претпријатија.
Комерцијална објава