Последниот автобус со ерменски бегалци ја напушти планинската енклава Нагорно-Карабах во Азербејџан во понеделникот, изјави Назели Багдасарјан, портпаролка на ерменската влада во Ереван.
Таа рече дека во Ерменија пристигнале 100.514 бегалци кои морале да ги напуштат своите домови во енклавата.
Багдасарјан рече дека многумина пристигнале со здравствени проблеми, од кои некои биле неподвижни, пренесе „Хина“, повикувајќи се на „ДПА“.
Ерменците кои сè уште се во енклавата треба да се пријават во Црвениот крст – објасни таа.
Азербејџанската влада со денови инсистираше дека нема причина за бегство и дека жителите ќе бидат интегрирани според правилата на земјата, но многу Ерменци сепак ги напуштија своите домови.
Ерменија ја обвини владата во Баку за етничко чистење.
Во меѓувреме, властите на Азербејџан претставија план за реинтеграција на ерменското население во Нагорно Карабах, јавува Анадолија, повикувајќи се на азербејџанската државна новинска агенција „Азар Таг“.
Според документот што го објави „Азар Таг“, Азербејџан обезбедува еднакви права и слободи за сите, без разлика на етничката, верската или јазикот.
Администрацијата на териториите населени со Ерменци ќе се врши преку специјални претставништва назначени од претседателот на Азербејџан, со учество на локалното население.
Локалните администрации во општините ќе се избираат на избори.
Агенциите за спроведување на законот во Азербејџан ќе го одржуваат јавниот ред и безбедноста на жителите, а локалните жители ќе имаат можност да работат во овие агенции.
На ерменското население во Нагорно-Карабах ќе му се гарантира правото да ја зачува и развива својата култура, слободата на вероисповед и употребата на ерменскиот јазик, се наведува во планот.
Тие, исто така, ќе имаат корист од националниот систем на награди и социјалните привилегии што се применуваат низ целата земја.
Азербејџанската национална валута ќе биде во полн оптек во Карабах, а Владата ќе обезбеди даночни и царински поволности за поддршка на специјалниот економски режим воведен за стимулирање на економскиот развој во економските региони Нагорно-Карабах и Источен Зангезур.
Минатиот месец Азербејџан започна молскавична воена операција во Нагорно-Карабах, принудувајќи ја капитулацијата на самопрогласената Република Арцах, која не беше меѓународно признаена.
Ерменските водачи кои управуваа со областа изјавија дека самопрогласената република ќе биде укината од почетокот на следната година.