Фото: Игор Бансколиев

Клучната дилема пред која сега е исправена македонската јавност е зошто Македонија самата се доведува во ситуација да се соочи со ново вето токму поради политички интервенции во правосудството. Неразбирливо е да бидат потрошени илјадници евра на работната група што веќе три години, во соработка со ОБСЕ, работеше на квалитетни измени на Кривичниот законик што би биле целосно синхронизирани со европската казнена легислатива и би придонеле за намалување на степенот на корупција во земјава, за буквално прекуноќ „непознат сторител“ на своја рака да ги подготви и да ги достави новите уставни измени до Владата, а таа до Собранието

Сериозни и далекосежни импликации од избрзаните измени на Кривичниот законик

Јавноста и натаму не може да најде никаква логика во неодамнешниот потег на актуелната власт да ги изгласа измените на Кривичниот законик во една експресна постапка, на изненадување и на работната група што работеше речиси три години на истата проблематика и која требаше наскоро да ги достави измените до надлежните тела.
Уште посимптоматично е што не се знае ниту кој работел на овие измени, а сомнеж дека има политичка интервенција во целата оваа работа фрла и самата процедура, односно измените во Собранието ги образложуваше заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, а не министерот за правда Кренар Лога, како што е вообичаено. Згора на тоа, министерот за правда отворено кажа дека не се согласува со ваквите измени и понуди своја верзија на измени на КЗ, со која се предвидува амнестија на лица со помали казни.
Заобиколени беа и стручните инстанци, поточно за измените не беа направени консултации ниту со МАНУ ниту со Судскиот совет и Советот на обвинители, а реагираше и невладиниот сектор чиј фокус на интерес се токму правосудството и неговата синхронизираност со европската легислатива и европските казнени одредби.
И самата ЕУ остана затекната од носењето на измените на Кривичниот законик на ваков избрзан начин, а слична реакција стигна и од САД, од каде што посочуваат дека веќе истражуваат зошто ова е направено набрзина и во голема тајност.
Клучната дилема пред која сега е исправена македонската јавност е зошто Македонија самата се доведува во ситуација да се соочи со ново вето токму поради политички интервенции во правосудството. Неразбирливо е да бидат потрошени илјадници евра на работната група што веќе три години, во соработка со ОБСЕ, работеше на квалитетни измени на Кривичниот законик што би биле целосно синхронизирани со европската казнена легислатива и би придонеле за намалување на степенот на корупција во земјава, за буквално прекуноќ „непознат сторител“ на своја рака да ги подготви и да ги достави новите уставни измени до Владата, а таа до Собранието.

Брисел веќе најави дека ваквото носење на измените на КЗ ќе се најде во најновиот извештај на земјава токму во делот за владеење на правото, што е клучното поглавје во преговорите, а Холандија и билатерално реагирала до Владата и изразила загриженост за посочените законски измени. Холандската реакција следува откако македонската влада претходно побарала од Холандија да назначи експерт што ќе ѝ помага на земјава во креирање на патоказот за владеење на правото, но очигледно тој не бил запознаен со она што се подготвувало зад сцената.
Сето ова јасно упатува на само еден заклучок, дека Македонија дури и да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, веќе самата си подготви ново вето што ќе следува по отворањето на првото поглавје. Токму ова е главната причина поради која земјава треба малку да подзапре во тврдоглавото инсистирање на уставни измени и да почне да ги средува состојбите дома, особено во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата. Во спротивно, државата не само што ќе се соочи со нова блокада туку со уставните измени само ќе ги отвори вратите за целосна асимилација на македонскиот народ, а евроинтеграциите нема да мрднат од мртва точка. Таквата статус кво ситуација само уште повеќе ќе го забрза процесот на вадење бугарски пасоши и иселување од земјава.
За поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, нема никаква дилема дека со начинот на кој се направени овие измени на Кривичниот законик, Македонија самата си става вето на сопствените евроинтеграции, а од евентуално направените уставни измени колатерална штета ќе биде македонскиот идентитет.
– Неспорно е дека Македонија си става самата вето. Со нарачана измена на Кривичниот законик не се влегува во тоа европско друштво. Нема потреба понатаму Бугарија да ни става вето, самите се исклучуваме од тоа друштво. Со вакво однесување, едноставно не сме за таму – вели Илиев.
Добро упатени извори во состојбите во правосудната сфера, но и генерално на политичките состојби во земјава, сметаат дека без оглед дали земјава ќе ги направи уставните измени или не, блокадата ќе дојде од други земји, најмногу поради мешањето на политиката во правосудството.

– Секогаш кога политичките нагодувања или пазарења се решаваат преку правниот систем, тоа е погубно за правниот систем. Никој не е глупав, особено не странците за да откријат зошто се прави ова бидејќи нема никаква правна логика. Правната логика наложува ако има зачестеност на таков вид кривично дело, а имало забелешки за корупција кај нас, особено на висока корупција, не можеш казните да ги намалиш. Казните треба да се зголемат и тоа студентите го учат на факултет, тоа е прашање на казнената политика. За жал, кај нас нема политика поради политикантство во сè, истото тоа се однесува и на казнената политика. Политичарите си дозволуваат да направат упад во правниот систем со нивните политички мешетарења и одлуки. Тоа ќе значи европско вето за нас. Ова е само една капка во чашата. Впрочем, холандската влада одби да соработува со највисокиот орган што ги избира судиите, така што пораката е јасна, ставиле или не Бугари во Уставот, со ваквите упади во правниот систем нема далеку да дотуркаме во преговорите со ЕУ – наведуваат соговорниците со кои се консултиравме.


Камбовски: Ако не се вратиме на патот на правото и уставноста ќе добиеме вето од ЕУ

Професорот и академик Владо Камбовски е на ставот дека измените на Кривичниот законик, вака како што се донесени нетранспарентно и набрзина, всушност се бланко-вето за ЕУ што самите си го потпишавме.
– Ако не се вратиме на патот на правото и уставноста, ние нема да добиеме бесмислено вето како што добивме од Бугарите, туку ќе добиеме едно тешко вето за владеење на правото од кое потоа тешко дека ќе се извлечеме – смета Камбовски.
Според него, корупцијата во Македонија е претворена во системски проблем и е навлезена во сите пори на општеството, а ако самите се блокираме на патот кон ЕУ, тогаш корупцијата уште повеќе ќе расте бидејќи, како што вели, најмногу ја стимулираат политичките партии.
– Со поддршка на ЕУ, со засилување на мониторингот и влијанија низ преговорите за одделни области, да започне постапно таа крива на корупција, ендемска корупција, тој облак да се тргне од македонското небо. Следно е да се засечат изворите на корупција. Изворите на корупција се политичките партии. Од таму почнува сè – истакнува Камбовски.

Судскиот совет: Никој не се консултира со нас
Со судскиот совет, како тело што треба да биде запознато со измените на Кривичниот законик, воопшто не се направени консултации и тој воопшто не бил запознаен што се подготвува зад кулисите, иако на измените веќе работеле експерти.
– Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на тоа дека некако набрзина сето тоа се спроведе без притоа да имаме свое учество, односно мислење како судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде што ќе се слушнеше и нашето мислење по однос на какви било измени – изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Советот на јавни обвинители: Постапката беше нетранспарентна

И до Советот на јавни обвинители измените не биле доставени за мислење, така што и ова тело било избегнато да се произнесе околу измените што се случија набрзина и на изненадување на целата јавност.
– Или доцни со достава или не знам како е, важно е дека ние не ги добивме… Најдобро би било да одговорат практичарите, односно Јавното обвинителство бидејќи тие по хиерархија и субординација се практичарите што ги работат предметите и најмногу можат да извадат анализа како ќе се одрази врз нивното работење ваквата измена на Кривичниот законик. Мислам дека тие можат со конкретни податоци, со бројки, а ние како совет немаме надлежност во тој дел односно не постапуваме по конкретни предмети, не вршиме увид во тековните предмети. Затоа, би требало јавниот обвинител да се произнесе дали и колку ќе ги погодат ваквите измени – изјави првиот човек на ова тело, Антонио Јолевски, притоа додавајќи дека и според него треба да има поголема транспарентност.

Врховниот суд: Начинот на носење на измените е спротивен на европските стандарди
Врховниот суд се произнесе една недела по донесувањето на измените во Кривичниот законик, констатирајќи дека тие измени се донесени на начин што е спротивен на европските стандарди.
– Подготвувањето на законски измени што имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведено низ транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа. Во Врховниот суд од страна на Министерството за правда не беа доставени на мислење предметните измени на Кривичниот законик. Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени, кои претставуваат прашање од висок јавен интерес – велат од Врховниот суд.

ДКСК: Се загрозува правната сигурност во државата
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е изненадена од молскавичната брзина на носењето на измените на Кривичниот законик без експертска расправа и оценува дека се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание, но е и доказ дека борбата со корупцијата е декларативна.
– Кривичниот законик како еден од столбовите на правниот систем треба да го штити функционирањето на правната држава. Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Македонија, и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата – наведуваат од ДКСК.

ЕУ изрази загриженост поради измените

Овие измени, освен што предизвикаа бурни реакции кај домашната стручна јавност, ѝ го привлекоа и вниманието на Европската Унија.
– ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик, усвоени во забрзана постапка од Собранието со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијаат врз голем број случаи на корупција на високо ниво – изјави портпаролката на Европската комисија задолжена за соседство, проширување и меѓународни партнерства, Ана Писонеро, запрашана за коментар за измените во Кривичниот законик.