Го осуетивме планот на власта, продолжуваме обединето и кохезивно, нема уставни измени под бугарски диктат, објави ВМРО-ДПМНЕ додека во тек е Седницата на Централниот комитет на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за редовна седница на Централниот комитет на партијата, на која се зборувало за актуелната политичка и економска состојба.
– Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ – СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ. Дополнително, се потврди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата од почеток до крај сите 44 пратеници, а во однос на неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат – велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Воедно, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, падна во вода и тезата која власта ја пласираше години наназад во јавноста дека партијата ја раководат други лица, затоа што различностите се очигледни денес.