Фото: Маја Јаневска-Илиева

До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа забелешки за необележаните пешачки премини во Чаир и Бутел, и тоа на локации што се доста фреквентни и каде што минуваат голем број граѓани, меѓу кои најмногубројни се постарите лица и децата. Пред училиштата и пазарите речиси и да нема никаква ознака дека на тоа место има пешачки премин

Актуализација на проблемот со необележаната ХОРИЗОНТАЛНА СИГНАЛИЗАЦИЈА

Необележаните и целосно избледени пешачки премини претставуваат вистинска опасност за пешаците во Чаир и Бутел. Пред пазарите и училиштата речиси и да нема никаква коловозна ознака дека на тие места поминуваат пешаци, а по навика дека тука се преминува улица, пешаците и децата на свој ризик ги минуваат улиците. Таква е сликата во Чаир кај пазарот, на улицата Џон Кенеди кај пензионерското, на Цветан Димов, а којзнае уште колку вакви ризични и необележани сообраќајници има во главниот град.

РЕАКЦИЈА НА ГРАЃАНИ

До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа забелешки за необележаните пешачки премини во Чаир и Бутел, и тоа на локации што се доста фреквентни и каде што минуваат голем број граѓани, меѓу кои најмногубројни се постарите лица и децата.
Пред училиштата и пазарите речиси и да нема никаква ознака дека на тоа место има пешачки премин.
Тоа претставува посебен проблем за граѓаните е Чаир, која е една од општините со најголем број жители и мали дечиња.
Граѓаните се револтирани до тој степен што се плашат воопшто и да поминат улица, бидејќи по улиците се вози неконтролирано лошо, брзо и несовесно.
– Не знам што чекаат за да ја обноват хоризонталната сигнализација. Дали треба некој да биде прегазен, не знам, меѓутоа, мали деца и постари лица да поминуваат улица „на среќа“, навистина не е совесно. Еве, кај училиштето Пенко, минимално се познаваат пешачките премини, а најголем проблем се вечерните часови. Во темно слободно може да се каже дека воопшто не се гледаат. А допрва доаѓа зима, кога многу рано ќе се стемнува. И подолу, кај црквата „Свети Никола“, каде што има необележана автобуска постојка не е ништо подобро. И кај пазарот во Чаир е кошмар. Тука, бидејќи нема никаква ознака за пешачки, по должината на целата улица секој преминува каде што сака. Тоа е ризик и за возачите и за самите пешаци. Доколку има обележан пешачки премин, ќе се знае кој каде смее и треба да мине улица. Вака е вистински хаос – вели Никола Николов, жител на оваа скопска населба.
Хаос е и на поголемите крстосници во Чаир. Речиси никаде нема да се види обележан пешачки премин, па граѓаните на слепо претрчуваат, ризикувајќи ги своите животи.
– На местата каде што нема семафори, а каде што деца поминуваат улица е доста стресно. Еве, моите деца учат во непосредна близина на крстосница каде што нема семафори. Тие се научени дека смеат да поминат улица само ако има зебра на неа, па сега се збунети, прашуваат зошто поминуваме таму кога нема обележје. Се обидувам да им објаснам дека тоа е местото каде што треба да поминеме улица, ама уште повеќе се збунети. Од една страна, јас сум таа што зборува дека улица се поминува само на обележан пешачки премин, а од друга ги терам да минуваат на место каде што сега во моментот нема – вели Ениса, мајка на две малолетни деца што учат во ова училиште.

СЕЗОНАВА ЌЕ СЕ ОБНОВАТ ПЕШАЧКИТЕ ПРЕМИНИ

Секоја година јавното претпријатие „Улици и патишта“ работи во согласност со програма за работа. Во согласност со таа програма се одредуваат и улиците на кои треба да се обележи хоризонталната сигнализација.
На нашето прашање зошто се оставени овие населби речиси без никакво обележје, надлежните велат дека во согласност со планот за работа, оваа сезона ќе биде обновена хоризонталната сигнализација во Чаир и Бутел.
– Оваа сезона ќе бидат обновени пешачките премини во Чаир и Бутел – информираа од јавното претпријатие „Улици и патишта“.