Предизвиците на медиумите и новинарите во дигиталната ера

Како што се менува јавната сфера, државата, медиумите, интелектуалците и професионалците мора да се посветат на креирање нови политики и регулативи за да може професионалното новинарство да се соочи со овие проблеми и да ги надмине

Ни медиумскиот свет не остана незасегнат од брзиот технолошки развој во последните години. Во 20 век да бидеш сопственик на медиум не беше толку лесно, затоа што требаше сериозно инвестирање, без очекување за огромен профит. Но во денешно време, преку мала инвестиција можеш да станеш сопственик на медиум. А тоа резултира со појава на мноштво несериозни и непрофесионални медиуми.
Тоа предизвика деформација на јавниот простор и начинот на креирање на јавното мислење. Германскиот филозоф Јирген Хабермас во својата критика на општествената организација на нашето време, „Новата трансформација на јавната сфера“, вели дека подемот на новите медиуми се случува во сенката на комерцијалната употреба на интернет-комуникацијата, која во денешно време е многу малку регулирана. Тој понатаму вели дека тоа ја загрозува економијата на традиционалните издавачи на весници и новинарите како релевантна професионална група. Тоа јасно се гледа, освен на глобално ниво, и кај нас, при што имаме драстичен пад на продажбата на весниците и стагнација во развојот на аналитичкото и професионално новинарство.
Се доведуваме во ситуација весниците да чекаат поддршка од Владата за да опстанат. Така, интернетот го поедностави пристапот до вестите, кои ги направи „бесплатни“. Но да не заборавиме дека оригиналниот производ никогаш не е бесплатен и кога се нуди бесплатно, тогаш производот сме ние. Од друга страна, токму кај корисниците на социјалните медиуми се организира полујавен, фрагментиран начин на комуникација, кој ја нарушува перцепцијата на јавната сфера како таква. Така, јавната дебата од ТВ-студијата и интелектуалните кругови е префрлена на социјалните мрежи, каде што секој има право да учествува во дебата. Ова колку што е позитивно, толку е и негативно, бидејќи учеството во дебата се одвива без никаков филтер или стручно уредување: често наидуваме на навредливи коментари, линчувања, но и ширење лажни вести или теории на заговор.
А ефектот е создавање јавно мислење штетно за заедницата.
Како што се менува јавната сфера, државата, медиумите, интелектуалците и професионалците мора да се посветат на креирање нови политики и регулативи за да може професионалното новинарство да се соочи со овие проблеми и да ги надмине. Хабермас вели дека човештвото мора да помине низ долг период за да се навикне на улогата на автор. За да разбереме колку време ќе биде потребно, треба да се вратиме низ историјата за да видиме колку време му требаше на човештвото да се навикне на улогата на читател. Зашто, низ историјата, не секој ја имал таа улога, затоа што во раните години немало книги во хартија и можноста за пристап до книги била ограничена.

Најсвежите спомени ги имаме од времето на пандемијата на коронавирусот, кога коментаторите, но и дел од онлајн медиумите (без импресум), ширеа теории на заговор за непостоење на вирусот или сомнеж за ефектите од вакцинацијата. Саморегулирање на медиумите, но и нивно приспособување кон дигиталната ера преку платформите што постојат денес би било едно од најдобрите решенија. Почнување сериозна иницијатива, за единствен агрегат на професионални медиуми, со адреса и уредништво.
Потоа, создавање професионален тим од ЗНМ, кој ќе детектира пропагандни портали и во соработка со МВР ќе ги блокира ИП-адресите на тие портали. Затоа што имаме голем број портали што се активираат само за време на изборни кампањи и шират политички спинови, обвинувања за политички противници, лажни вести, го дефокусираат јавното мислење и го нарушуваат секој принцип на новинарството – со единствена цел да се збогатат сопствениците на медиумите. Истражувањето на институтот за јавни политики „Арбен Џафери“ покажува дека медиуми што се основани пред избори како www.in7.tv, www.speci.mk и некои други, добиле парични средства од ДИК, но по изборите испариле.
Порталите досега најчесто се фокусирани на црната хроника и шоу-бизнисот, со единствена цел да привлечат што повеќе читатели и кликови, но во време на избори имаат тенденција да станат медиуми со сериозно политичко влијание.
Францускиот социолог Пјер Бурдје во своето дело „За телевизијата“ вели дека медиумскиот притисок наметнат со следењето на сензационализмот е застрашувачки. Тој нагласува дека медиумите се подготвени да направат сѐ за да бидат први, први да поседуваат информација и да ја објават пред другите. „Потрагата по ексклузивност, која на другите полиња носи оригиналност, во овој случај произведува униформност и баналност“, нагласува Бурдје. Според него, оваа потрага по вести од интерес и гладот за вонредни вести може да предизвикаат политички ефекти, исто како и директните политички играчи или самоцензурата инспирирана од стравот од исклучување.
Во Македонија во краток временски период имавме неколку убиства или несреќи што ја загрижија јавноста. Никнаа портали и медиуми што не се регулирани и мониторирани и функционираат како „дива лига“. Овие медиуми беа едни од најактивните во објавувањето вести без потврда од надлежните институции. И покрај тоа што етичкиот кодекс на новинарите повикува на „ослободување од сензационализам“, во вакви случаи, овие „медиуми“ паѓаат на испитот – бидејќи во битката за повеќе кликнувања и ексклузивност се објавуваат видеа и фотографии со експлицитни содржини.

Медиумите често објавуваат вести што сè уште не се проверени и потврдени од надлежните органи и речиси никогаш не се ни обидуваат да добијат каква било потврда од полицијата или обвинителството. Имавме и случаи кога по мафијашки судири, медиумите прогласуваа за мртви луѓе што сѐ уште се живи и ја вознемируваа јавноста, но и членовите на семејствата. Тоа обично го прават непрофесионални медиуми, кои немаат ниту импресум, ниту адреса на порталот и кои немаат ангажирано повеќе од двајца новинари во цела редакција.
Она што е уште повознемирувачко во вестите од „црната хроника“, е користењето зборови во насловите што уште повеќе го „тероризираат“ јавното мислење, како сензационално, шокантно или трагично. Ваквите наслови се користат за повеќе посети и реклами, а наедно и поголема добивка на сопствениците на овие медиуми. Друг предизвик се лажните вести и пропагандата. Овие два феномена, иако суштински различни, се користат за градење лажен наратив и убедување на јавноста за одредено прашање.

Во брзиот технолошки развој, онлајн порталите кај нас, некои со нарачки, а некои поради неинформираност, паѓаат во стапицата на „спин-докторите“ и носителите на непознати или деструктивни идеологии што се под влијание на странски држави. Не треба да се занемарат и ботовите, кои вообичаено се ангажираат за време на изборните кампањи, за да влијаат на јавното мислење.
Според германскиот филозоф Хабермас, во време кога јавната дебата е префрлена на социјалните мрежи, овие ботови се користат за коментирање на социјалните мрежи и за што повеќе полемизирање – за да се поларизира општеството колку што е можно повеќе. За да се избегне овој проблем, нашата држава треба да го забрза процесот на воведување на предметот Медиумско образование во образовниот процес, за учениците да имаат повеќе вештини за критичко мислење и за одговорно известување. Ваквите предизвици се во постојан раст, бидејќи денес секој граѓанин е потенцијален автор. Потребата од едукација на новите генерации станува задолжителна, за да научат да бидат критични читатели и, во исто време, одговорни известувачи.
Предизвиците што нè очекуваат се многубројни, но гледајќи ја технологијата како алатка за постигнување на нашите цели, можеме да чекориме напред и да се погрижиме улогата на новинарот и јавната сфера да стане суштинска за нашето општество. Ако брзиот технолошки развој се користи за добро, тоа само ќе помага во развојот на медиумите во насока на нивно унапредување, како на пример – известување во реално време од местото на настанот, висококвалитетни аудиовизуелни снимки, брзо известување, статистички графикони. Со соодветна употреба на технологијата ќе имаме помал број предизвици и проблеми што се резултат на технолошките злоупотреби, а кои го збунуваат јавното мислење.

Зенел Мифтари

(республика.еду.мк)