Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај замрзнувањето на цените, потребно е да се преземат и мерки поради растот на нафтените деривати на светските берзи… Упатените велат дека едни од мерките можат да биде користење стоковни резерви за да се задржат цените на горивата на нивото на кое се наоѓаат во моментов, односно како просек од последните три месеци на оваа година или намалување на акцизата по единица цена за литар нафта или бензин, како и намалување на ДДВ на 10 отсто… Тие се класични, конвенционални предлози и размислувања, но има ли креативни, кои суштински ќе го амортизираат пропаѓањето низ инфлаторната спирала?

Дали може и кој е начинот да се амортизира инфлаторниот притисок врз стопанството и граѓаните

Новиот рекорден раст на цените на нафтените деривати на светските берзи создава загриженост и кај нас, кај граѓаните и кај компаниите, бидејќи, како што велат експертите, има потенцијал драстично да ги влоши состојбите во македонската економија и да го наруши животниот стандард кај граѓаните. Ако дојде до повисоки цени на горивата во Македонија, тоа може да резултира со поскапувања и на други производи и услуги. Освен врз граѓаните, кои би имале поголеми трошоци за транспорт, повисоките цени на горивата може да се рефлектираат врз целото стопанство. Познато е дека први на удар се транспортерите, бидејќи услугата што тие ја обезбедуваат е директно зависна од цената на горивата, но очекувано е зголемените трошоци за превоз да се одразат и на производствените трошоци во други сфери, а наедно и повторно поскапување на храната. Прашањето е дали може да се превенира и амортизира ударот врз стопанството и граѓаните, бидејќи горивото како енергент е клучна ставка во секој производ.
Високите цени на прехранбените производи, цените на нафтените деривати, поскапувањето на електричната енергија, сериозно го оптоваруваат животот на граѓаните, а платите и понатаму се најниски во регионот.
Економистите претходно истакнаа дека оваа лоша состојба не се ублажува ниту со замрзнување на цените на прехранбените производи, која е популистичка мерка и не го дава вистинскиот ефект. Ова е привремено решение, кое не помага за растот на економијата, а ја оштетува прехранбената индустрија и, како резултат на тоа, можеме да имаме и недостиг од прехранбени производи, намалување на производствените капацитети и намалување на работните места.
Дел од јавноста дава предлози дека во ова време на економска криза и сиромаштија итно решение е финансиската помош при распределба на социјалните купони (ваучери) за социјално ранливите групи, категориите на граѓаните со ниски примања и пензионерите, но овој износ не смее да биде помал од 30 отсто од минималната плата.

Според Биљана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на превозници „Макамтранс“, покачувањето на цената на горивата треба да се анализира од аспект на нејзиното влијание на зголемувањето на цените на сите репроматеријали и готови производи што во нашата увозно зависна држава се превезуваат во 96 отсто од случаи преку превозот во патниот сообраќај.
– Во овој период јасно е дека имаме енормно зголемување на цените на производи за широка потрошувачка, па дури повеќе и од државите-членки на ЕУ, што значи дека ако во наредниот период се покачат цените на дериватите како погонско гориво, без контрола и соодветно преземени мерки од страна на надлежните органи на државата, ќе се придонесе до енормен и неконтролиран раст на инфлацијата во секој сегмент од стопанството – потенцира Муратовска.
Таа додава дека горивото како директен трошок при вршење комерцијални превози учествува од 40 до 60 отсто во цената на превозот во зависност од должината на релацијата на која се превезува стоката.
– За секој превозник ова би значело директен удар на дневната ликвидност на превозното друштво, неможност да се утврдуваат реални цени на превоз поради флуктуацијата на цените од држава до држава низ која се патува, што би значело дека започнатиот превоз со одредена добивка би можел во текот на превозот да се трансформира во превоз со загуба. Во услови на намалена понуда на стоки за превоз на транспортниот пазар во Европа, би значело генерално и намалување на капацитетите за работа на превозните трговски друштва, а со тоа и намалени финансиски резултати на ниво на една календарска година – укажува Муратовска.

Како што споменува таа, поради состојбата на економијата во нашата држава, мал број производствени капацитети, намалено земјоделско производство, висок раст на инфлацијата, особено на производи за широка потрошувачка, потребно е државата да преземе одредени мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите во целост, а особено кај превозните трговски друштва.
– Сметаме дека една од мерките може да биде користење стоковни резерви за да се задржат цените на горивата на нивото на кое се наоѓаат во моментов, односно како просек од последните три месеци на оваа година или намалување на акцизата по единица цена за литар нафта или бензин. Може една од мерките да биде и намалување на ДДВ на 10 отсто – нагласува Муратовска.
Влијанието на цената на горивата, како што истакнува таа, исто така има и свој удел и во цената на другите енергенти, кои дирекно влијаат и на сите други производствени процеси и трговски активности во стопанските и нестопанските дејности на државата. Навреме преземени мерки ќе значат намалување на ризиците генерално за сите.
– Цените на нафтата најмногу зависат од одлуките на големите производители и нивните здруженија, кои се направени да го контролираат количеството на производство, а со тоа и цените. Се разбира дека и големите промени во геополитичката состојба во светот имаат свој удел. Македонија како мала држава може само да се приспособува на овие промени и со сигурност нашата борба со инфлацијата ќе ја направат уште посложена и неизвесна – нагласува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Според него, многу острата борба со инфлацијата доведува до пад на економијата, а со тоа и на стандардот на вработените. Затоа повеќето земји се одлучуваат за „благо приземјување“, кое ќе го продолжи рокот на приспособување, но нема да предизвика поголеми шокови.

– Нашата држава веќе презеде некои мерки за замрзнување на цените на некои прехранбени производи, но на долг рок овие мерки мора да бидат силно таргетирани само на најзагрозеното население со најниски приходи. Кај цените на нафтата големо влијание имаат давачките во облик на акцизи и даноци. Сепак, лично јас не сум за генерално намалување на давачките, затоа што и во буџетот ни е потребен секој денар, но мора да направиме пак таргетирање на потрошувачи – смета Димитров.
Како што вели тој, не е исто дали нафтата ја користиме за возење личен автомобил, за превоз на стоки и патници, за греење производствени погони или за енергент во производството на храна.
– За жал, ги укинавме и оние субвенции преку т.н. црвена нафта. Честопати поради нашата неспособност за контрола ги укинуваме и добрите закони. Не мора субвенционирањето да биде преку црвена нафта, тоа може да се стори со одреден поврат на дел од давачките, откако овие компании ќе набават нафта за овие намени. Со презентирањето на фактурите и сметките за набавка може да се субвенционираат само дејностите и компаниите што се битни за животниот стандард на населението и одржување на домашното производство и извоз – појаснува Димитров.


Растот на нафтата е генератор на раст на инфлацијата

Цените на нафтата се на пат да достигнат 100 долари за барел овој месец за првпат во 2023 година, откако се зголемија за речиси 30 отсто од јуни, по намалувањето на производството во Русија и Саудиска Арабија и зголемената побарувачка од Кина.
Суровата нафта брент, реперот за нафта, минатата недела порасна на 10-месечен максимум од речиси 94 долари за барел, од 72 долари за барел на најниската точка во јуни, движејќи се кон својот најголем раст во последните три месеци од руската инвазија на Украина.
Полесната американска сурова нафта поскапе од 67 долари за барел на 90 долари за барел во истиот период. Двете референтни вредности се зголемија за околу 4 проценти во неделата.
Зголемената побарувачка за летови во САД, Европа и од неодамна во Кина поттикна уште поголем раст на цените на горивата за авиони, следен од Управата за енергетски информации. Цените во просек изнесуваа 3,07 долари за галон кон крајот на август, што е 50 отсто зголемување од неодамнешното ниско ниво од 2,05 долари на почетокот на мај.
Претходно овој месец, Саудиска Арабија го продолжи комбинираното намалување од 1,3 милион барели дневно до крајот на годината, забрзувајќи го падот на глобалните резерви.
Намалувањето на снабдувањето од Русија за зголемување на цените, исто така, ги поддржа напорите на другите земји на ОПЕК да ги поттикнат цените до 100 долари за барел.
Меѓународната агенција за енергија минатата недела предупреди дека континуираните намалувања на снабдувањето од страна на двата лидери на ОПЕК+ ќе создадат значителен недостиг од снабдување, што претставува значителна закана за континуираната нестабилност на цените.
Извештајот дојде само еден ден откако ОПЕК објави дека пазарот се соочува со недостиг од повеќе од 3 милиони барели дневно во наредниот квартал, што може да резултира со најголем недостиг од понуда во повеќе од една деценија.
Саудиска Арабија и нејзините партнери од ОПЕК се исто така загрижени затоа што Меѓународната агенција за енергија предвиде дека побарувачката за нафта ќе достигне врв пред 2030 година, што некои аналитичари веруваат дека може да се врати назад до 2026 година поради брзото преминување кон обновливите извори на енергија што веќе е во процес.