Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега. Пазарниот инспекторат и понатаму останува да работи со засилени контроли на терен, се со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Ги охрабрувам сите граѓани кои ќе забележат неправилности, веднаш да пријават во пазарниот инспекторат, изјави денеска директорот на ДПИ Горан Трајковски, по состанокот со министерот за економија Крешник Бектеши и раководителите на подрачните одделенија на инспекторатот.
-Напоменувам дека од моето поставување на директор на оваа институција, во периодот од први јануари, заклучно со 31 јуни оваа година, направени се 16.400 надзори и издадени се над 3.700 налози во вредност од 140 милиони денари, рече Трајковски.
Потенцира дека следејќи ги цените, порастот на инфлацијата и реакциите на граѓаните, за високите цени на производите, ДПИ како институција, нема надлежност, ниту пак може да влијае врз формирањето на цените на пазарот.
-Од утврденото, може да се заклучи дека цените на прехранбените производи се енормно високи и ако Владата по предлог на Министерството за економија донесе одлуки во врска со намалување на цените, ДПИ ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега – рече Трајковски.
Пазарниот инспекторат и понатаму останува да работи со засилени контроли на терен, како што кажа, се со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
-Ги охрабрувам сите граѓани кои ќе забележат неправилности, веднаш да пријават во пазарниот инспекторат – рече директорот.
Трајковски информираше исто така дека ќе има зголемување на платите на вработените во Државниот пазарен инспекторат.
На состанокот со Бектеши и со раководителите на подрачните одделенија се разговарало за моменталната ситуација на Државниот пазарен инспекторат, стратегијата за подобрување на работата на Инспекторатот, како и следните активности што ќе се преземат.