ЕКСПЕРТСКО ГЛЕДАЊЕ НА МОДЕЛИТЕ ЗА ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР (1)

Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени, „Нова Македонија“ продолжува со серијата текстови од оваа област. По објавениот циклус новинарски текстови, продолжуваме со претставување на експертските гледишта и во денешното издание го пренесуваме мислењето на д-р Марина Малиш Саздовска, професорка на Факултетот за безбедност – Скопје

Разузнавањето веќе не претставува ексклузивитет на разузнавачките служби. Постојат промени во областа на разузнавањето, па, така, криминалистичкото разузнавање станува дел од криминалистичката полиција, разузнавањето се применува во сферата на финансиското разузнавање и сл. Оттука службите за разузнавање и контраразузнавање треба да претрпат измени во нивната организациска поставеност, но и во делокругот на нивната работа. Имено, во Република Македонија постојат три предлог-модели за реформи во разузнавачката област.

Првиот модел е да остане ситуацијата статус кво, односно да нема никакви измени што се однесува до позицијата, статусот, организациската структура и работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање. Овој предлог не е прифатлив од проста причина што досегашната работа на УБК се покажала недоволно ефикасна и професионална, имајќи ги предвид недостатоците и слабостите во работењето, особено случајот со неовластеното следење на комуникации на над 20.000 телефонски броеви во земјава. Исто така аргумент против овој предлог се и препораките на Прибе за реформи во овој сегмент на безбедносниот систем на Република Македонија. Доколку се тргне од дефинирањето на разузнавачката и контраразузнавачката служба како тајна служба, тогаш сегашната поставеност на УБК во рамките на МВР, организациски и локациски, не одговара на потребите на овој вид служба. Значи, се наметнува заклучокот дека овој прв предлог-модел не е адекватен на потребите на УБК во Република Македонија.

Вториот модел се однесува на предлогот УБК да не претставува дел од МВР, туку да ,,излезе“ од Министерството. Тука веднаш се поставува и прашањето за ингеренциите на надлежните лица вработени во УБК, односно потребата полициските овластувања да се променат во насока на постоење на овластувања само за прибирање разузнавачки информации. Ова е прифатлив модел имајќи ги предвид аргументите зошто се нужни промени и зошто првиот модел не е прифатлив.
Третиот предлог е спојување на УБК со Агенцијата за разузнавање.

Доколку се размислува емотивно, необјективно и нерационално тогаш оваа трета предлог-реформа нема да ни изгледа како прифатлива опција, бидејќи одредени раководни структури во државата нема да имаат разузнавачка односно контраразузнавачка служба во нивна надлежност и нема да раководат со неа.
Но доколку размислуваме трезвено, објективно, без емоции и професионално, од една страна и ако ги земеме предвид првичните причини за одвојување на делот за разузнавање од УБК и формирање на АР, тогаш се наметнува ставот дека ова е добра идеја и дека треба да има спојување на УБК и на АР. Аргументите во прилог на ова тврдење ќе ги наброиме во продолжение.

– Одредени безбедносни проблеми со кои Република Македонија се соочувала во текот и непосредно по осамостојувањето, се веќе надминати, одредени отворени прашања со соседните држави се решени, одредени закани, кои постоеле, порано не се присутни во обем и динамика како во минатото.
– Имајќи го предвид фактот дека безбедносната политика на Република Македонија, според Националната концепција за безбедност и одбрана, е дефанзивна и стремежот на Македонија е да стане земја-членка на НАТО, се чини оправдана идејата УБК да се спои со АР. Значи на Република Македонија не ѝ се потребни служби што се неефикасни, некоординирани, троми и со голем број вработени, туку потребна е мала, силна, професионална и ефикасна служба.

Прифаќајќи го третиот предлог-модел за реформа на УБК, ја поддржуваме статусната промена на УБК, но се поставува прашањето и за суштинската реформа во УБК. Имено, реформата за статусно решавање на прашањето на УБК, неминовно треба да ја следи и реформа на методите на работа на УБК. Досега се констатирани одредени недостатоци и слабости, и тоа: превработеност, неадекватно образование на кадрите, недоволно стручни обуки и едукација, делумно непочитување на законските и подзаконските правни акти и сл. Дополнително усложнување на работата на УБК произлегува и од отворањето на досиејата во УБК, како и од примената на Законот за лустрација што во голема мера негативно се одрази на дејствувањето на постојната, но и на создавање нова соработничка мрежа, која е неопходно потребна за прибирање разузнавачки информации заради заштита на безбедноста и откривање кривични дела против уставниот поредок и територијалниот интегритет на Република Македонија.

Во изминатиот период имало и позитивни промени во работата на УБК, како на пример: адекватно поврзување на оперативната и аналитичката дејност за зголемување на оперативната ефикасност на терен; користење отворени извори на сознанија, покрај затворените извори на сознанија, во зголемен обем заради промената во медиумската сфера и во областа на технолошкиот напредок и пласирање безбедносно интересни податоци и информации; и во најново време отворање посебен дел за следење комуникации, односно формирање Оперативно-техничката агенција. Но, сепак, овие промени не се доволни, потребно е целосно и сеопфатно менување на методите на работа. Тоа е така заради фактот што одредени линии на работење во УБК се депласирани, а се појавуваат нови линии на работа во врска со нови софистицирани форми на криминал и загрозување на безбедноста на државата, како асиметрични закани, тероризам, сајбер-закани и сл.

Властите во Република Македонија во наредниот период треба да донесат одлука за видот и содржината на реформата на УБК, но кој модел и да се избере, нема да има ефикасна служба доколку не се почитуваат следниве препораки:
– колку и да звучи утопистички потребата и можноста за деполитизација и департизација, не може да постои ефикасна и професионална служба од областа на безбедноста и разузнавањето доколку таа не се деполитизира и департизира;
– вработување стручен кадар од областа на безбедноста;
– почитување на системот за развој на кариерата;
– примена на системот на доживотна едукација на кадрите;
– намалување на превработеноста и сл.
И на крајот, неизбежно се наметнува прашањето за координација на безбедносните и разузнавачки служби во Република Македонија. Имено, за намалување на можноста за преклопување на надлежностите или постоење на јаз помеѓу одредени надлежности на службите, со спојувањето на УБК и на АР ќе се надмине и овој проблем на неадекватна координација и размена на информации за да се обезбеди стабилна и безбедна Република Македонија.

(продолжува)