ИНИЦИЈАТИВА НА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МАКРОН

Светот очигледно не прекинува да се бори против штетните појави во сајбер-просторот, а светските лидери секојдневно наоѓаат нови практики и дејствувања, кои имаат цел да се заштитат државите и граѓаните од опасностите и од напливот на лажните вести.

Американскиот магазин „Политико“, во своја обемна анализа на оваа тема, пишува дека францускиот претседател Емануел Макрон неодамна почнал дипломатска акција со која ги повикал сите земји од светот здружено да дејствуваат на Интернет.

– Во својот говор на мировниот форум во Париз, Макрон побарал од меѓународната заедница штетното дејствување на Интернет да се третира според меѓународните конвенции и закони, кои важат за штетно дејствување и тргување со оружје – се пренесува изјавата на Макрон.

Магазинот истакнува дека Макрон, пред присутните во Париз, го претставил договорот што го потпишале над 50 држави и 250 меѓународни организации со кој се предвидувале државни операции на Интернет насочени против ширењето на лажните информации, хакирањето и сајбер-нападите.

– Интернет не е безбеден и тој е во ризик – рекол Макрон додека ја презентирал својата иницијатива насловена „Парискиот повик за вистината и безбедноста во сајбер-просторот“.

Од друга страна, оваа иницијатива на Макрон, иако била прифатена од голем број држави во Европа и во Азија, сепак не била ратификувана од моќните играчи во меѓународната заедница како САД, Русија и Кина, чии лидери одбиле да го потпишат документот.

Овие настани во светот се поклопуваат и со македонската т.н. Недела на борба против лажните вести, кога во земјава се спроведуваат низа настани и активности, кои имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја издигнат свеста за штетата што лажните вести, манипулациите и дезинформациите на Интернет ја нанесуваат во целото општество.

Политикологот Милан Стефаноски во својот осврт на актуелните случувања вели дека секоја можна иницијатива како онаа на Макрон за спречување на лажните вести и штетното дејствување на Интернет може да е само придобивка.

Тој советува и Македонија да ѝ се приклучи на оваа француска иницијатива бидејќи на тој начин нашата држава ќе придонесе светот и земјата да имаат безбеден сајбер-простор.

– Анулирањето на штетното дејствување на Интернет хипотетички во иднина може да нѐ доведе во ситуација во која во сајбер-просторот ќе биде сигурен од дејствување на терористи и безбеден за економски трансакции. Натаму, со безбеден сајбер-простор нема да има лажни вести, а медиумите ќе си го вратат својот кредибилитет и истовремено ако оваа појава не постои нема да има опасност од спроведување точно и прецизно електронско гласање, без притоа да влијае друга држава во резултатот, како на пример шпекулациите поврзани со изборот на американскиот претседател Доналд Трамп – вели Стефаноски.